2win800x200

Изградбата на битолскиот топловод ја запре реконструкцијата на важната улица „Индустриска“

Февруари 26, 2024

БИТОЛА – Никако да тргне реконструкцијата на важната улица „Индустриска“во Битола, во индустрискиот дел на градот. Околу оваа сообраќајница опстојуваат стотина поголеми и помали фирми значајни за битолската економија, кои вработуваат стотици битолчани, а дел од фирмите се и со странски капитал. Битолското стопанство кое гравитира во индустрискиот дел, сместено е во најголем дел  во објектите од некогашните фабрики од бивша Југославија, а стопанствениците иако вложија во реновирање и адаптирање на објектите маки мачат со бизнисот заради лошата инфраструктура.

Сега проблемот не се парите, оти средствата се обезбедени од Светска банка, во вкупна вредност од над 51 милиони денари, туку се стои во место поради изградбата на топловодот од РЕК „Битола“. Со сообраќајно решение затворена е улицата „Железничка“ и сообраќајот мора да се одвива по „Индустриска“. Вака е од 6 декември лани. 

А, таму целата улица е во кал и вода, коцките нерамни, течат фекалии од околните фарми. Згора на сѐ по „Индустриска“ катадневно врват и камионите со јаглен кои од Грција преку граничниот премин „Меџитлија“ се носат за РЕК „Битола“. 

Безбедноста за возачите ризична, затоа што не се знае што се крие под езерцата со вода.  

„Улицата треба да се реконструира од бензинската пумпа на ‘Макпетрол’ на излезот од градот сѐ до отпадот кај млечната индустрија ‘Идеал Шипка’, цел потег е дупки, длапки, нерамнини, буквално езерца на патот, гнасотии од околната фарма и во една ваква атмосфера работиме стотина фирми. Само во објектот на поранешна ‘Битолатекс’ има петнаесетина фирми, сѐ е забавено и закочено, инфраструктура нема. Колку сте повнатре во улицата со објектите, толку  е полошо“, се жалат битолски стопанственици за „Независен“.

Улицата нема да биде реконструирана од почеток до крај, туку обновата ќе запре во близина на „Идеал Шипка“, каде треба да се гради голема пречистителна станица. И изведбата на пречистителната станица е приказна сама за себе.

Од фирмата изведувач информираат дека не можат да почнат со работите оти има времено сообраќајно решение заради изведба на топловодот, па сообраќајот се одвива по „Индустриска“. 

„Пред Нова година почнавме со воведување во работите за реконструкција на улицата ‘Бурса’, поранешна ‘Индустриска’ во должина од 2,4 км. Но, пред почетокот на работите на терен бевме известени дека сообраќајот се насочува на улицата „Бурса“ заради затворање на улицата „Железничка“ и изведување на градежни зафати за топловодот на АД ‘Топлификација’ Битола. Сега се зависи од изведбата на топловодот. Според нашите планови улицата ’Индустриска’ треба да биде реконструирана до јули годинава“, ни изјавија од формата изведувач „БВ Инженеринг“ Битола.

Од општина Битола уште лани најавија дека кончено ќе се  реконструира старата индустриска улица, но сега се децидни дека реконструкцијата на „Индустриска“ ќе може да започне до завршувањето на работните активности на „Топлификација“ на тој потег. За општината ова ќе биде еден од инфраструктурните проекти, за кои градот, конечно ќе може да ги искористи средствата од 1,4 милиони евра од Светска банка, одобрени во 2020 година со одлука на Владата, а за кои рокот за реализација е до 2024.

„Постапката за реконструкција на улица ‘Индустриска’ се спроведуваше преку Министерство за транспорт и врски, од каде договорот беше потпишан во декември, кога и избраниот економски оператор беше воведен во работа“, велат од општината.

Почетокот на градежните работи на „Индустриска“ според изјавите од „Топлификација“ ќе почека до средината на март. Топлификација сега го составува прстенот околу градот, на кој ќе бидат приклучени 35 јавни институции.

„Локацијата каде сега се работи на обиколницата е во завршна фаза и ќе биде завршена до 15 март 2024 година“, изјави Горан Козаров, директор на „Топлификација“ Битола.

На почетокот на јануари, цевките од топловодот стигнаа до градот, а Козаров најави дека -„кога ќе се поставува мрежата низ градот, ќе мора да се ископаат некои од улиците или тротоарите, но потоа ќе бидат вратени во првобитна положба, за што се обезбедени финансиски средства“.

 

А.Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани