2win800x200

Општина Битола со демант на прес конференцијата на СДСМ: Решенијата за данок на имот се согласно законските измени на предлог на Владата, Општината ги ажурира податоците на граѓаните

Мај 15, 2023

Општина Битола, продолжува да работи како отворена општина, која секогаш излегува во пресрет на барањата и потребите на граѓаните и покрај наметнатите обврски од страна на Владата, во услови на економска и енергетска криза.

Откако на предлог на Владата, во јуни 2021 година, Собранието го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, се наметна зголемување на трошоците за граѓаните по повеќе основи.

Локалната самоуправа, во текот на минатата година, повеќепати ја извести јавноста, дека, општината ќе мора да постапи согласно Законот, поради што беше побарано да се извршат ажурирања на податоците кај даночните обврзници каде што има измени, за да се избегнат следните зголемувања предвидени во законските измени:

-        согласно член 6 став (5) Државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и физичките и правни лица кои нема да пријават дека не користат недвижен имот кој е во нивна сопственост, ќе платат данок по стапка пет пати повисока од пропишаните стапки во ставот (1) од овој член.

-        Согласно член 6 став (2) Стапките на данокот на имот можат да се утврдуваат според видот на имотот.

-        Согласно член 6 став (3) Стапката на данокот на имот за земјоделското земјиште кое не се користи за земјоделско производство се зголемува три пати во однос на стапката од 0,10%.

-        Согласно член 6 став (4) Стапките на данокот на имот за другиот недвижен имот од член 2 , зградите-станбени згради или станови, деловни згради и деловни простории, административните згради и административните простории, згради и станови за одмор и рекреација и други градежни објекти, како и инсталациите подигнати врз нив или под нив и трајно споени со нив, а кои не се користат од сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година, се зголемуваат за три пати во однос на стапките пропишани во член 6 став (1).

До јавноста беше доставена и информацијата дека, согласно член 9 од Законот, обврзникот на данокот на имот за едностанбен или повеќе станбен објект за домување и двор (земјиште) во кое живее има право на намалување на пресметаниот данок во висина од 50%.

Поради тоа, Општина Битола ги повика даночните обврзници (правни и физички лица кај кои настанале промени во имотот), до 31 јануари 2023 година, да поднесат даночна пријава за утврдување на данок на имот за 2023 година за:

1.Имотот што го стекнува даночниот обврзник или почнува да го користи во текот на годината или ако по некоја друга основа настанува даночна обврска;

2.Имотот кај кој настанале промени во вредноста (доградба, надградба, довршување,проширување и сл.);

3.Имотот кај кој настанале промени во сопственоста (осигурување и сл.);

4.Сите даночни обврзници (правни и физички лица) кои поседуваат имот што се оданочува, а кои до 2022 година не поднеле пријава за утврдување на данок на имот.

Во однос на правните лица, дополнително општината ги презема податоците од Централен регистар, врз основа на што се врши понатамошна обработка на истите.

Со изготвувањето на новите решенија согласно законските измени, констатирано е дека кај некои даночни обврзници не е извршено ажурирање на податоците или не е променета адресата на живеење.

Општина Битола, со цел да им излезе во пресрет на граѓаните, овозможи ажурирањето на податоците да се прави и во овој период, по добивањето на решенијата, иако за тоа беше предвиден периодот до 31 јануари.

Општината постапува согласно законските процедури и во ниту еден момент нема да дозволи наплатата на данокот на имот да биде на финансиска штета на граѓаните.

Токму затоа, било какви обвинувања, во оваа насока се непотребни и неосновани.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани