2win800x200

Ако не беше Фондот немаше да имаме нова фасада и дограма, задоволна е Зумрут Шабанова - 26 семејства преку проектот „Баир“ добија потопол и посовремен дом

Февруари 19, 2024

Изработени се и 12 студии, влезни документи предуслов за изработка на ГУП за Битола, се подготвуваат 3 детални урбанистички планови за Баир за површина од 30 хектари, седум кампањи за подигање на јавната свест, настани за промоција на културата и спортот, средби со претставници од јавни институции, анализии и публикации.

c2dd6908 c00e 40d8 b406 73cd1f962981

Со новата фасада и дограма, условите за живот во домот на семејството Шабанови од битолски Баир станаа многу поквалитетни. Доколку не беше Фондот за реновирање на домаќинства на ромското население (HRF) тие немаше да успеат да го осовременат објектот каде живееја со децении без ПВЦ дограма и фасада. Фондот преку кој 26 домаќинства успеаја да направат градежни интервенции врз куќите од поставување нова ПВЦ дограма, обновување на фасади до замена на кровна покривка, беше овозможен преку проектот „БАИР-Здружена акција на Битола за вклучување на Роми“ финасиран од ЕУ, реализиран од COSV, Преда Плус Фондација и Општина Битола, кои успеа во последните години да направи коренити промени на Баирот.  .

зумрут

„Со реновирањето на домот заштитени сме од временските влијанија. И не само тоа, туку ни влегуваа кучиња, мачиња во куќата. Дуваше, студено беше. Сега сме заштитени. Разбравме за фондот преку социјалните мрежи. Ја извадив потребната документација и ја поднесов. При пријавувањето не наидов на проблеми, сѐ беше добро организирано. Кога ни се јавија дека ќе добиеме средства бевме пресреќни. Некој и нас да ни даде нешто. 40 години како сум мажена тука, куќата се градеше многу години. Се создоа проблеми и ја оставувме така. Не можевме да ја направиме фасадата, да ставиме нови прозорци. Заработувавме само со продажба на пазар. Ако не беше Фондот немаше да промениме ништо“, вели битолчнаката Зумрут Шабанова.

Во градежните интервенции на домовите беа вклучени и Роми жители од населбата

Баирчанецот Енгин Асмановски покрај тоа што имаше среќа неговата куќа да добие нова фасада и дограма, тој беше меѓу мајсторите ангажирани преку проектот за изведување градежни интервенции врз објектите. Се присетува дека семејствата ги дочекувале со насмевка на лицата велејќи им дека се најде Фонд што мисли и на нивните потреби.  

асановски

„Куќата во која живеам е стара шеесетина години. Откако ја ставивме фасадата се затопплува подобро, со изолација се живее подобро. Ако не беше повикот немавме средства да ја направиме куќата зашто сега сѐ е скапо. Никој не би одделил толку пари за да направи изолација. Не само ние и другите беа пресреќни, 19 изолации направивме за 60 дена благодарение на проектот. Тоа беа стари куќи, на блокови, намалтарени, некои со тули, разрушени делови. Овој занает го работам осум години и навистина ми беше мило што гледав дека се вложува на на Баир, дека некој мисли и на овие луѓе“, рече Асмановски.

Селекцијата на домаќинствата направена низ транспарентен процес, вели Климентина Ѓоргиоска

Преку проектот беа инвестирани приближно 150.000 евра во 26 домаќинства во населба Баир со ставање ПВЦ дограма, фасади и интервенции во покривот. Условот беше објектите да се легализирани. Бенефитите веќе ги чувствуваат 105 жители.

„Селекцијата на домаќинствата се одвиваше низ транспарентен и отворен процес со учество на претставници од ромската заедница наречени лидери на заедницата. Имаше членови од проектните партнери, урбанисти архитекти од Општината и од ЈП за уранистичко планирање, прокетирање и инженеринг, Центар за социјална работа и набљудувач од Асоцијација ‘Сумнал’. На терен воочивме дека луѓето кои живеат на маргините немаат легализирани објекти и не можат да аплицираат на вакви повици. Во исто време утврдивме дека дел објекти се парцијално легализирани, други без статитичка адекватност. Особено е важно да се истакне дека не може да се направи реконструкција на покривот ако конструкцијата не дозволува“, вели Климентина Ѓоргиоска, проектен менаџер на „Баир- Здружена акција на Битола за вклучување Ромите“.

климентина

Опфат на населбата во урбанистички рамки за првпат по 25 години

Ѓоргиоска гледа на ова како на почеток за решение на системскиот проблем со неурбанизираноста на населбата. Преку проектот се вложија околу 200 000 евра за изработка на урбанистичка документација на 12 влезни студии, предлуслов за изработка на ГУП за Битола и 3 детални урбанистички планови за Баир за површина од 30 хектари што значи опфат на населбата во урбанистички рамки за првпат по 25 години. Тоа е повеќе од една третина од Баир, а постоечките урбанистички планови од 1998 година покажуваат друга слика. Потребна е урбанизација онаму каде што законот дозволува, а сепак да нема ни присилно иселување од од населбата.

кука

„Достоинствено домување, инфраструктура, легализација на објектите, урбанизација, комунални услуги, полесен пристап до социјални права, креирање на образовни можности, јакнење на заедницата- се областите на кои проектниот тим работеше континуирано и посветено изминатите три години. Целта која ги обединува сите активности беше инклузијата. Тука се подразбира и елиминирање на социоекономскиот јаз меѓу ромското и неромското население што е во насока на исполнување на Националната стратегија за инклузија на Ромите, ЕУ стратешката рамка за Роми и одржливите цели на ОН за развој“, изјави Ѓоргиоска.

Настани од спорт до култура со цел интеграција на Ромите, рече Лидија Ангелкова

Во текот на тригодишната реализација на проектот беа спроведени седум кампањи за подигање на јавната свест и шест настани за промоција и поддршка на културата и спортот за да се зајакне интеграцијата на ромското население во Битола.

„Темите на кампањите за подигање на јавната свест вклучуваа најразлични теми од образование, вработување, здравство, пристап со јавни услуги, социјална заштита, домување, легализација и дигитализација. Креираните пораки беа насочени кон адресирање на потребите и проблемите на ромската заедница во Битола, но исто така и информирање за постоечките услуги и можности кои се нудат во Општината, но и на промовирање позитивни примери во заедницата со цел да се поттикне дискусија што ќе даде решенија на идентификувани проблеми’, рече Лидија Ангелкова Од Фондацијата Преда Плус, партнер во проектот.

ae050e2a 690b 4e33 aa6d 8f42e08c5774

Ангелкова додаде дека беа изработенени анализи за пристап до јавните институции и публикувани како онаа за можностите за вработување на ромското население. Оранизиорани и медиумски кампањи, настани за промоција на спортисти Роми, школа за сликање на деца, изложба, турнири во мал фудбал, музички хепенинзи со реномирани ромски артисти... Дел од настаните беа во рамки на други фестивали и Битолско културно лето. Со цел да се воспостави поголема соработка со месното население беше составен тим за поддршка со членови од жители во населбата.

13 лидерски средби со 200 посетители

„Нашата задача се однесуваше на советување на населението, давање информации, пополнување на одредени барања. Бевме линк меѓу институциите и граѓаните за да овозможиме пристап до услуги и остварување на социјалните права. Во месната заедница во изминатите 3 години остваривме 13 лидерски средби на кои се остварија околу 200 интеракции со граѓаните од населба Баир. На овие средби тие имаа можност да ги кажат своите прашања и барања до претставниците на јавните институции, проблеми од комунална природа, електрична енергија, заштита од семејно насилство, образование. Врз основа на нивните барања беа поставени корпи за отпадоци, набавен камион за собирање отпад, спроведена теренска имунизација“, вели Филиз Алиу, членка на тимот за поддршка на Баир.

нини

Општина Битола партнер во проектот

Партнер во проектот е и Општина Битола која покажа подготвеност за учество во активности насочени кон подобрување на квалитетот на животот во ромската заедница.

тони

„За нас значајните се активностите за изработката на 12 влезни документи за ГУП, трите Детални урбанистички планови за населбата Баир, набавката на специјалното возило за собирање смет низ населбата и реконструкција на улиците Сутјеска и Струшка. Со ова се подобрува домувањето, се врши систематизирање на градските центри и земјишта за општа употреба, се подготвуваат студии за одржливо урбанистричко планирање и студии за ризиците од природни непогоди, технолошки хаварии, заштита и спасување“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

Жанета Здравковска

 

Активностите се дел од Кампањата за подигање на свест кај ромското население за легализација, во склоп на проектот “БАИР-Здружена акција на Битола за вклучување на Роми”, финасиран од ЕУ, реализиран од ЦОСВ, Преда Плус Фондација и Општина Битола.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани