Интервју со Моника Зајкова-Додека се делиме на патриоти и предавници граѓаните ни се отселија од државата

Јули 07, 2023

Интервју со Моника Зајкова претседател на Либерално - демократската партија за Апла.мк, разговараме за политичките состојби во државата и на локално ниво, за политичките случувања во битолскиот Совет. Зајкова вчера беше во Битола на средба со битолските новинари. 

 

Во Советот на Општина Битола настапивте во коалиција ЛДП-ДОМ меѓутоа се случуваат ситуации во кои вашиот претставник (во случајот ДОМ) во клучни моменти за работата на Советот  даде поддршка на коалицијата на ВМРО ДПМНЕ. Има ли размислувања за ново прегрупирање во битолскиот Совет? Како ќе делува понатаму советникот од коалицијата ЛДП-ДОМ?

Зајкова-Се согласувам во делот дека настапивме во коалиција со нашиот политички партнер ДОМ и таа коалиција даде добар резултат. Секако дека ја следиме ситуацијата во советите низ сите општини, не само во Битола каде што во последниот период сведоци сме на премногу превирања, опструкции и условно кажано една хаотична ситуација на политички пазар. Треба да се има предвид дека ДОМ иако настапи во коалиција е посебен политички субјект и како партија носи одговорност за одлуките и дејствувањето на нивните членови на кои им се доверени функции и позиции.

Она што може да го посочам е дека Советот и градоначалникот мора да ги надминат недоразбирањата. Приоритет треба да им бидат граѓаните и нивните интереси и потреби, а не личните. Со ваква ситуација никој нема да почувстува никаков напредок на општината, а најмалку граѓаните на Битола и се ќе се донесе на ниво на реализирање на мали популистички локални проекти и мерки, а не системски решенија и капитални проекти.
Онаму кадешто ЛДП има избрани претставници во советите на општините предлага и поддржува единствено иницијативи и проекти кои се од круцијално значење за граѓаните и развој на општината.

 

Битолската ОО на ЛДП од секогаш важела за најдобро етаблирана меѓу општинските организации од останатите градови во внатрешноста, како ја оценувате состојбата денес, со оглед на тоа што последните година и пол нема видливост на партиски активности? На што е сведена партиската работа во Битола? Имате ли криза во лидерството и осипување на членството?

Зајкова-Битолската организација е се уште една од најдобро етаблираните и силни општински организации, а тоа е така благодарение на упорноста, истрајноста, креативноста и работата на секој нејзин член. На сите членови од Битола сум особено горда и благодарна за нивната активност и неуморност. Потпретседателот на ЛДП Валентин Груевски, доаѓа исто така од оваа општинска организација. ЛДП има доста добри општински организации во Пелагонискиот плански регион, но и во Југоисточниот, Северниот и Скопскиот плански регион.

Оттука не го делам мислењето дека во последната година нема видливост на партиските активности, напротив секоја општинска организација вклучително и битолската до централа има доставено план на активности и иницијативи на кои работи на локално ниво.

Секој што е добро запознаен и ја следи работата на ЛДП, ќе посведочи дека ЛДП постојано работи на зајакнување, но и на формирање на нови општински организации, но и да врати во функција членови кои беа пасивни од нивни лични причини. Оттука не може да се согласам дека постои криза или осипување на членство, напротив постои силен мотив за работа. Изборното собрание беше јасна слика за тоа дека ЛДП се зацврстува и дека либерал-демократите се обединети во идеологијата, настапуваат храбро во носењето одлуки и креирање политики и ќе настапуваат се погласно во промоција на истите.

Од неодамна формирани се и тимови кои се задолжени за сите региони во државата, каде се спроведуваат теренски активности и консултативни средби со граѓаните со цел да креираме политики кои се од нивен интерес и да ги промовираме во партнерски однос со нив. Оттука не знам на што се темели перцепцијата, но не гледам никаква криза напротив гледам нова енергија во спој со политичко искуство.

Можно е да е слика од 10 луѓе и штанд за весници

Каква партија наследивте од Вашиот претходник битолчанецот Горан Милевски?

Зајкова-Мојот претходник беше на лидерската позиција два мандата и сметам дека успешно се справуваше со голем дел од одговорностите и предизвиците. Нормално секој претседател има свој начин на дејствување и своја визија за развој.
Она што е важно е дека ЛДП е парија, има континуитет на политичката сцена, има добро развиена организациона структура и доследност во имплементирањето на политиките.

Во моментот партијата работи на зајакнување на структурите на одредени општинските организации, поголема присутност помеѓу граѓаните, медиумска присутност, а за прв пат почна да функционира и Совет на ЛДП составен од членови и надворешни експерти кои доаѓаат од различни општествени сфери, кои креираат ставови и политики во различни области и работат на создавање на програмска платформа на ЛДП која ќе биде презентирана на јавноста, а која ќе нуди можности и мерки за подобро секојдневие на секоја индивидуа, бидејќи секој граѓанин ни е подеднакво важен.

 

Прва жена претседател на ЛДП, се соочувате ли со стереотипи во функционирањето? Имало ли ситуации да ви префрлат заради полот или младоста?

Зајкова-За жал, сè уште живееме во општество каде што добар дел од луѓето жените ги гледаат како домаќинки кои што треба само да седат дома, готват, чистат и чуваат деца. Се уште за жал живееме во општество полно со стереотипи, дискриминација и предрасуди.

Ќе бидам искрена страшно ме нервира максимата која често самите жени ја користат, а тоа е ’жена, мајка, кралица’, што ако некоја жена не може да се реализира како мајка е помалку вредна? Тоа многу укажува на кое ниво се нашите општествени гледишта и свеста за положбата и улогата на жената.

Младоста не ја гледам за хендикеп исто како што староста не ја сметам за предност, се си има свои позитивни страни. Јас сум единствена лидерка на партија која е родена во самостојна и независна Македонија и не носи товар од минатиот систем, односно има и поинаква визија како треба да изгледа државата во која се родила и реализирала.

Да се навратам на прашањето да си лидерка на една политичка партија е голем предизвик и одговорност, особено кога си млада жена и кога треба да работиш многу повеќе за интелектетот да ти биде препознаен, а не само да те препознаваат по надворешниот изглед. Не само што некој ќе префрли, но жените општо, но и ние во политиката сме повеќе соочени со лични навреди и омаловажувања во однос на мажите или колегите. Сепак тоа не треба да не демотивира или обесхрабрува. Сметам дека секоја жена носи во себе квалитет, има соодветно образование и може да одговори соодветно на она што од неа го бара професијата и да напредува во истата со работа, труд и знаење. Лично секојдневно се соочувам со бројни предизвици, водам битки на повеќе фронтови и  се трудам да не ме допираат погрдните коментари од луѓе кои воопшто и не ме познаваат лично. Единствена цел ми е да издејствувам позитивна промена во општеството.
Политиката е професија која е изложена на голем притисок и одговорност,  бара повисок праг на толеранција, меѓутоа, во моментот кога некој ќе ја препознае и поздрави вашата работа, кога ќе ви се заблагодари и пофали за заложбите, кога во вас гледа надеж и полага доверба се чувствувате дека правите нешто корисно за луѓето односно општеството и ве мотивира да бидете истрајни и продолжите понатаму.

                                                                                                                               ***

Нема опис за фотографијата.

Што значи за пратениците на ЛДП поддршка за уставните измени?
Зајкова-
Поддршката за уставни измени значи поддршка на европската иднина на граѓаните и напредок на Македонија на евроинтегративниот пат.

Дебатата за истите треба да се води со искрени аргументи што добиваме од продолжување на започнатиот процес, а тоа е почеток на преговори по поглавја кои ќе носат реформи за кои не може да си обезбедиме надпартиска согласност и консензус, а што ќе изгубиме.
Оттука секој пратеник треба сам да донесе одлука согласно својата визија за развој на државата и стратешките цели кои истата ги поставила. Од почетокот на процесот повикувам на пронаоѓање консензус и дијалог. Ова не е прашање за политички поени или за кариерите на политичарите, туку прашање за секој поединец и прашање по кој пат ќе ја движиме државата. Дали треба да чекаме уште долго во чекалната или ќе го фатиме брзиот воз за ЕУ. Оваа држава има големо искуство со губење на време и пропуштање на моменти.

Ако во минатото се носеа храбри и државнички одлуки одамна ќе бевме рамноправни на масата во ЕУ и ние ќе бевме тие кои ќе креираа политики и поставуваа критериуми. Да не дозволиме нова пропуштена шанса поради лични суети. Сите имаме одговорност кон граѓаните и кон државата.

Додека ние се охрабруваме да носиме одлуки и се делиме на тоа кој е поголем ‘патриот’, а кој ‘предавник’ граѓаните се охрабруваат да се преселат трајно во поперспективни европски држави, со што го губиме субстратот на една држава-населението. Политиката значи преземање одговорност и понуда на издржани решенија како ќе ги водиме процесите на краток, среден и долг рок, а се во интерес на државата и граѓаните, истата во никој случај не може да биде исклучиво пазар или исполнување на личните интереси на поединци.


Правник сте, како го оценувате владеењето на правото во државата во која и ЛДП е дел од власта?

Зајкова-Се она што гледаме денес е резултат на лоша поставеност на правосудниот систем од осамостојувањето. Не може да препишеме дека една власт има одговорност за лошото владеење на правото. Доаѓам од правосудната фела, она што го поткопа овој систем е мешање на партиите во полнење на судската администрација и изборот на судиите. Слушавме за судии од тефтерчиња, сведочевме на полнење на судската администрација со партиски војници и кога нешто ќе го градите на лоши темели, не може после 32 години да очекувате дека ќе даде добри резултати. Иако сите знаеме дека борбата со корупцијата не е лесен процес, ЛДП е и ќе остане најгласниот протагонист во власта за ефикасно справување со корупцијата и независност на правосудните органи. Судската власт е посебна власт, издвоена од извршната и законодавната согласно Уставот и пред се мора да градиме култура на почитување на уставните позиции на институциите.

Наша обврска како пратеници е да креираме и носиме закони, сепак и најдобриот закон ако не се имплементира и се злоупотребува нема да даде посакуван резултат. Недозволиво е, дел од предметите особено оние кои се водат за злоупотреби да застаруваат, а одредени спорови на граѓаните да траат повеќе од животниот век на граѓанинот, и граѓаните да не можат да ја дочекаат правдата, сето тоа резултира со ниска доверба во судството. Илјадници предмети заглавени во судските лавиринти. Како пратеници од ЛДП поднесовме Предлог за изменување на кривичниот закон со кој се предвидува зголемување на роковите за релативна и апсолутна застареност на кривичното гонење и извршување на казната, како и продолжување на роковите на застареност на предметите за кои има првостепена пресуда, но чекаат на одлука од Апелација, и тоа само за кривичните дела од триесеттата глава на КЗ – кривични дела против службената должност (пр.злоупотреба на службената положба и овластување, давање поткуп, примање поткуп, прикривање на потеклото на имотот итн).

Ова не е противуставно бидејќи веќе е предвидена незастаривост на делата кои се однесуваат против човечноста и меѓународното право.

Притоа ова е само една законска иницијатива на ЛДП, а ќе следат и низа други кои навидум значат мали чекори, но може да обезбедат поефикасно работење и непристрасност на судскиот совет, на јавно обвинителската служба, одговорноста на судиите и јавните обвинители итн. Мораме да градиме силни независни правосудни институции и личности со висок интегритет во судството бидејќи токму тоа се луѓето кои ќе треба да го спроведуваат домашното и европското законодавство, каде нема простор за судии од тефтерчиња или избрани судии и обвинители согласно тоа колку се блиски до одредена партиска структура, но исклучиво ќе се цени квалитетот. Притоа мора  да разбереме и дека не сите луѓе во правосудството се лоши и дека одговорноста за работите има име и презиме и мора и судиите да ги заштитиме од влијанијата на трети лица. Затоа ги охрабрувам сите политички партии и од нашата коалиција и од опозицијата да дадат поддршка на овие наши предлози и навистина да покажеме волја и консензус дека сме подготвени за системски и суштински реформи кои ќе го остават правосудниот систем слободно да дише. Ако сме искрени нема зашто да се плашиме од истите.

Промени мора да има, а борбата против корупцијата треба да ја водиме сите заедно и граѓаните и институциите. 

 Можно е да е слика од 6 луѓе, улица, Шпански плоштад и Камољи

Дел сте од Коалицијата на власт која ја тресат корупциски скандали, треба ли час поскоро да се одржат предвремени парламентарни избори?

Зајкова-Што ќе решат предвремените избори? До избори проблемите ќе ги ставиме во фиока, а по изборите ќе добиеме магично стапче што ќе ги реши истите?

Доста покажуваме незрело однесување. Нели сме доволно способни сами да си ги средиме разликите меѓу политичките партии, па исклучокот ќе го правиме правило. Сме преземале одговорност за да ги решаваме работите и да нудиме мерки и политики за граѓаните и државата, а не постојано  да создаваме политичка криза и нестабилност која не носи никаков економски развој, води до застој на работата на институциите и создава несигурност.

Сметам дека државата во овој момент е исправена пред сериозни процеси. Предвремени парламентарни избори единствено ќе значат средства потрошени од државниот буџет кои може да доведат до нова криза и враќање на неколку чекори наназад. Треба да сме свесни дека реалноста која ја живееме сами ја создаваме.

Во таа насока потребна е трезвеност и надминување на суетите и партиските интереси. Кон државата сите политички партии имаат одговорност и треба да учествуваат во носењето државнички одлуки. Ние можеме идеолошки да се разликуваме во поглед на решенијата кон одредени прашања, но на прашањето како и по кој пат оди државата мораме заедно да ги водиме процесите и да покажеме единство.



Под претпоставка ВМРО ДПМНЕ да победи на следните парламентарни избори, дали ќе бидете дел од новата владеачка коалиција или одите во опозиција?

Зајкова-Секоја коалиција се склучува врз основа на програмски концепти и приоритети и со одлука донесена од страна на органите на партијата. Иако по ова прашање не размислуваме во овој момент, бидејки на масата имаме процеси кои бараат решенија, сепак ќе потсетам дека ЛДП е самостоен политички субјект кој без оглед на тоа дали ќе настапува самостојно или во одредена коалиција, или дали ќе биде дел од власт или опозиција, ќе претставува објективен коректив на политиките кои се водат и ќе нуди решенија исклучиво за интересите на граѓаните и ќе ја движи државата по евроинтегративниот пат. На изборното собрание во моето излагање напоменав дека ЛДП ќе биде сериозен фактор на политичката сцена без кој ниту една партија нема да може да формира Влада, а ќе партиципира исклучиво водејќи се од сопствената политичка програма и определби. Иако во вакви моменти и предизвици не мислам и дека веќе треба да гледаме само на тоа кој ќе ја практицира власта или ќе блокира од опозиција. Треба сериозно да работиме на  развојот на државата и брзата евроинтеграција, како и на демографската политика. 

 

А.Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани