
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолските социјалдемократки бираат нова претседателка на Форумот на жени на ОО на СДСМ Битола. По изборот на новиот претседател на општинската организација, Зоран Стојчевски на ред се промени и во Форумот на жени.
Денеска СДСМ објави оглас за самокандидирање на претседателки на општинските форуми на жени на СДСМ.
Во огласот партијата ги повикува сите заинтересирани членки на општинските организации на СДСМ да поднесат кандидатура за претседателка на општинскиот форум на жени согласно критериумите за самокандидирање и избор.
Досега на Форумот на жени на ОО на СДСМ Битола во два мандати, од август 2022 година, е актуелната советничка во Советот на Општина Битола, Јадранка Павловска.
Со оглед на тоа што од февруари годинава на Форумот на жени на СДСМ е назначена Каја Шукова, извесно беше дека ќе се менува структурата на управување со форумите на жени низ градовите.
Сега според огласот на партијата кандидатките на Форумот на жени треба да исполнуваат одредени критериуми, а најважно е да уживаат висок авторитет, углед и доверба меѓу жените членки во својата организација, да поседуваат силни политички и организациски способности, да имаат вештини за јавен настап, да се однесуваат со почит и толеранција кон партиските колеги. Огласот трае десет дена по што претседателката Каја Шукова ќе одлучува.

Што се однесува до жените социјалдемократки во Битола, партијата од секогаш имала впечатливи лица, со лидерски вештини иако понекогаш потфрлувала во изборот за прв човек на форумот, најчесто поради силните лоби групи на машките членови на општинската организација.
Сега според извори на партијата во игра се неколку нови лица, фаворитки кои имаат поддршка од поголем круг на жени социјалдемократки од Битола, личности со лидерски вештини кои знаат да покажат дека жените на клучни позиции работат многу помудро, подобро, со интегритет и емпатија правејќи позитивни промени во заедницата.

А.Блажевска
