2win800x200

Друштвото на писатели Битолски книжевен круг ги објави наградените ракописи за 2022 година

Јуни 18, 2022

Со одлука на стручна комисија наградата „Книжевен круг за проза“ се доделува за ракописот „Три во тринаесет“ од Јована Матевска Атанасова, наградата „Книжевен круг за поезија “ се доделува за „Премолчено пладне“ од Никола Илијовски, а ракописот „Книжевно-критички читања“ од Даниела Андоновска Трајковска ја добива наградата „Книжевен круг за критика“. Наградата за книга напишана на македонски јазик од странски автор се доделува на ракописот „Денот кога го изедовме Бога“ од Гордана Јовиќ – Стојковска.

Авторката Јована Матевска Атанасова „има речник во, кој повремено се причинува, дека не недостига ниту еден, единствен збор. Иако допрела речиси сè, од архаизмите, па до современиот политички говор, нејзиниот писателски израз е богат и полноводен како река која само што не се излеала“ – истакнува рецензентката Гордана Стојаноска.

Авторот Никола Илијовски се потпира врз автентичното доживување на „вечноста на мигот“, ги почитува основните постулати на традиционалното хаику не само на версификациски и стилски план, туку и на планот на поетскиот сензибилитет, односно ја пренесува светлината на зборот во најчист, нај невин, нај загадочен импулс./ Изразито богата, мисловна, хаику песната на Никола Илијоски кореспондира со она што би го нарекле својствен белег на македонскиот бит.“ – забележува рецензентката Милица Димитријовска -Радевска.

Рецензентот Васил Тоциновски за книгата Книжевно-критички читања истакнува дека таа е „ нов вредносен труд на Даниела Андоновска-Трајковска. Средбата со содржината на книжевно-критичките читања нив носи возбуда, знак за вреден естетски резултат, да се види и сознае како еден поетски автохтон субјект го исчитува, толкува и оценува пресоздавањето на животот и светот во литература од перото на другиот и кон другото. Пишува за автори кои се припадници на различни генерации со сопствено време и книжевни побуди и поетики, со теоретски знаење за книжевните жанри, видови, родови и почитувајќи го трудот завршува со јасни оценки за вредноста на делото и неговите место и значење не само во опусот на еден автор, туку и во мозаикот од вредности што ја создаваат и афирмираат националната книжевност како колективно меморирање во еден поширок (европски и светски) културен простор.“

Ракописот „Денот кога го изедовме Бога“ од Гордана Јовиќ- Стојковска „го задржува вниманието на читателот не само со актуелноста на темите и мотивите цврсто сврзани во целината туку и со силната сосредоточеност кон деталите што отвораат дополнителни значења./ Писателката испреплетувајќи го вистинското и измисленото, чудесното и природното ја доловува суштината на едно страдање во кое судбината на очајот и надежта испливува како знаменита сила и предизвик од длабочините на немоќта“ – нагласува рецензентката Елизабета Јончиќ.

Наградените ракописи се публикувани и ќе бидат промовирани на единаесеттата меѓународната манифестација „Битолски книжевни паметења“ која ќе се одржи од 1 - 3. 7. 2022 во Битола.

Досегашни добитници на наградите „Книжевен круг“ се: Владимир Костов, Јордан Плевнеш, Иван Чаповски, Братислав Ташковски, Кочо Топузоски, Санде Стојчевски, Панде Манојлов, Зоран Пејковски, Кире Неделковски, Блаже Миневски, Димитар Пандев, Славчо Ковилоски, Христо Петрески, Петре Димовски, Стефан Марковски, Радован П. Цветковски, Васил Тоциновски, Љубинка Донева, Весна Мундишевска-Велјановска, Трајче Кацаров, Игор Крајчев и Диме Ратајкоски.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани