2win800x200

Пелагониските општини со грант од УНДП ќе го решаваат проблемот со бездомните кучиња

Јули 27, 2018

Проблемот со бездомните кучиња во градските средини е присутен на територијата на целата држава. Според некои податоци во Битола има околу 400 кучиња скитници, но за нив нема соодветно прифатилиште, ниту третман.

Токму тоа е причина што нивната бројка постојано се зголемува. Со години, заловените кучиња се носат во импровизиран стационар во Зоолошката градина во Битола, каде нема ниту услови, ниту пак е соодветна локација за сместување на кучињата скитници. Здруженијата за заштита на животните постојано  апелираат да се изнајде соодветно решение за овој проблем, но, барем досега, иако имало  иницијативи, состојбата е непроменета. 

Сега деветте Пелагониските општини договараат преку заеднички пристап да се реши проблемот со бездомните кучиња, за што ќе се користат средства од грант на УНДП. На последната седница одржана вчера,членовите на Советото за развој на Пелагонискиот плански регион заклучија дека состојбата е алармантна, а ќе се решава регионално.

„Членовите на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион едногласно одлучија финансиската поддршка од оваа грантва шема да ја искористат за решение на проблемот со кучињата скитници во сите општини од Пелагонискиот регион, преку меѓуопштинска соработка. Со ова би се решила алармантната состојба со кучињата скитници на ефикасен и ефективен начин во согласност со законските мерки и одредби“, се наведува во информацијата од ЦРППР.

Оваа грантова шема УНДП ја реализира во рамките на проектот за „Унапредување на општинското владеење“, кој што е финансиран од Европска Унија, во соработка со Министерство за локална самоуправа на РМ. На седницата покрај градоначалниците од Пелагонискиот регион присуствуваше и Луиза Винтон, постојан претставник на Обединетите Нации во РМ.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани