АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Триесет општини денес добија механизација преку Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии. Станува збор за десет ровокопачи во вредност од 45,7 милиони денари, кои се обезбедени како грант средства од ЕУ.
Со ова ќе се обезбедат подобри општински услуги за околу 300.000 граѓани кои живеат во руралните општини.
Станува збор за општините: Берово, Чешиново Облешево, Крива Паланка, Радовиш, Демир Хисар, Василево, Македонски Брод, Маврово и Ростуше, Дебрца, Неготино,Пехчево, Виница, Пробиштип, Македонска Каменица, Ранковце, Кратово, Конче, Карбинци, Крушево, Кривогаштани, Босилово, Ново Село, Кичево, Пласница, Дебар, Центар Жупа, Струга, Вевчани, Демир Капија, Кавадарци.
Денес министерот за финансии Драган Тевдовски и раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европска Унија, Никола Бертолини во Синпекс ДОО Битола присуствуваа на потпишување на договор за примопредавање на механизацијата на општините.
-Механизацијата ќе придонесе за подобрување на условите за живот за граѓаните на повисоките места, како и во руралните општини. Таа ќе овозможи непречено извршување на општинските услуги, како: расчистување на патишта во различни временски услови, редовно чистење на канали, регулација на речни корита, превенција на поплави и други активности.-истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тој посочи дека ваквите инвестиции, без разлика на висината на самата инвестиција, значат многу за локалното население, бидејќи решаваат реални проблеми и ги подобруваат условите за живот во општините. Проектот за подобрување на општински услуги, кој го спроведува Министерството за финансии,рече Тевдовски, со поддршка на Европската комисија и Светска банка ја има токму таа цел. Преку инвестиции во локални патишта, водоводи, градинки, училишта, да се подобри животот на граѓаните во сите општини во земјата.
Бертолини пак рече дека согласно најновиот извештај на Европската комисија земјата е поблиску од кога било до започнување на преговорите за членство во ЕУ. Тој посочи дека со овој грант 30 оптшитни ќе можат да ги подобрат своите услуги кон локалното население, како чисти локални патишта, канали и водоводи.
На општините им предадовме робусни, мултифункционални машини рече Синиша Петровиќ, генерален менаџер на „Синпекс“ ДОО Битола
-Ја предадовме опремата десет ровокопачи, утоварачи, наменети за руралните општини во Македонија. Сметаме дека е тоа корисна инвестиција за малите општини, бидејќи ова се мултифункционални машини кои имаат повеќе намени, во градежништво, чистење на патишта, метење и одржување на хигиена, рече Петровиќ .
Една од машините ќе биде на располагање на општините: Демир Хисар-Крушево-Кривогаштани, вели Маријанче Стојановски – градоначалник на Демир Хисар
-Денес присуствуваме на еден свечен чин на доделување на машини ровокопачи, кои ќе ја олеснат работата на јавните комунални претпријатија во справување со комуналниот отпад и чистење на речните корита. Ние заедно со градоначалниците на општините Крушево и Кривогаштани бевме во првите општини и го добивме четвртиот ровокопач. Општина Демир Хисар е носителот на проектот. Машината што досега ја користевме е стара над 30 години, така што оваа машина и овој проект се добредојдени во решавањето на ваквите проблеми, рече Стојановски.
Министерот за финансии Тевдовски истакна и дека има добра реализација на Проектот за подобрување на општински услуги од околу 80%. Тој истакна дека се обезбедени механизација за општини, фотоволтаични уреди, дека се работи на изградба на градинка, општинска зграда, локални улици и голем број други проекти.