АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Советот на Општина Битола едногласно ја прифати одлуката за примање на донација во вид на опрема за фитнес-зона на подрачјето на општина Битола од Млекара АД Битола. Допрва ќе се знае за каква опрема станува збор и на колкава површина ќе се простира фитнес- зоната.
-Донацијата е планирана да биде поставена на локација на Тумбе кафе, со што ја потенцираме нашата грижа за младите, спортот и рекреацијата како важен дел од нашето живеење. Со ова сакаме да ги потенцираме и нашите заложи за заживување на Тумбе кафе и враќање на стариот сјај, изјави за апла.мк Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата.
Пред еден месец БИМИЛК подари ново место за спорт и рекреација во Општина Карпош како значајниот придонес на млекарницата за своите корисници и чекорите за подобрување на нивниот живот и условите во општеството, преку помагање на спортот, културата, едукацијата на младите и грижата за сите категории граѓани. Уште тогаш од БИМИЛК открија дека и градот Битола ќе добие своја Balans+ Зона, а слични рекреативни катчиња најавија и за другите градови во Македонија.
-Оваа т.н. Balans+ Зона е само уште еден доказ дека главниот фокус на нашата компанија е здравјето, и тоа не само преку обезбедување здрави млечни производи за нашите потрошувачи, туку и преку континуирана поддршка на рекреацијата и спортот. Во денешново динамично живеење, од огромна важност е да остваруваме баланс помеѓу семејството, работата и времето посветено за себе и затоа веруваме дека ова спортско катче ќе помогне во остварувањето на потребниот баланс, а, меѓу другото, ќе обезбеди и уживање за сите генерации“, изјави Полексена Јанкуловска, маркетинг менаџер во Бимилк на отворањето на зоната во Скопје.