2win800x200

Вистината, логиката и малограѓанштината

Јануари 02, 2022

Пишува: Александар Литовски

 
Сè во живиот и неживиот свет се случува по некакви правила, иако луѓето тие правила, не секогаш, ги познаваат и препознаваат. И, разумот како способност за мислење, при вршењето на своите операции, следи некои правила кои може да се истражуваат, да се препознаат и да се дефинираат. Мора да се знае и тоа дека правилата по кои разумот постапува се нужни и таквите нужни закони се „работа“ на логиката. Затоа, се вели, логиката е наука за правилата на мислење, односно таа е наука за правилниот начин на размислување. Оттука произлегува и фактот дека логиката е нормативна: таа ја одредува смислата и вредноста на одредено мислење во однос на вистината. А, познато е дека вистината, во основа, се состои во согласување на сознанието со предметот. Како што е и јасно дека без разлика што, денес, неолибералните теоретичари ја релативизираат, сепак вистинитоста е објективно својство на овој свет и реално постојат категориите „носител на вистинитоста и вистиночинител“ (Лазар Фотев, „Теории за вистината во аналитичката филозофија“).
 
За жал, во нашиот лажлив град, има луѓе кои не ги разбираат, туку чувствуваат органска омраза и одбивност кон вистината и логиката. Нормално. Бидејќи на нашите малограѓани им се пречка на нивниот бескруполозен пат кон што поголема моќ и профит. Вистината и логиката им се непријатели, оти може да разоткријат дека нивното зборување  е само празно блебетење, а нивните „големи мисли“ се обично верување без никаква реална подлога. Така, на пример, би можело да се согледа дека малограѓанското религиозно суеверие за бесмртната душа и задгробен живот, е само обична халуцинација и апсурдно верување, односно невтемелен суд што нема врска со здравиот разум, знаењето и вистинитоста. А, ним ако им ги одземете нивните измами и лаги, не им останува ништо, особено не можностите за безмилосна кражба.
 
Добро, можеби, малограѓаните се интелектуални евнуси, но благодарение на искривениот општествен систем тие се „градските фактори“. Политички, економски, културни и социјални. Затоа, кога некој од нив ќе рече: Нема вистина, сè е релативно – тоа треба сериозно да се сфати како почеток на новоосмислениот масакр врз логиката и вистината. Оти, малограѓаните, сведочиме секојдневно, се трујат сами себе и го трујат животот околу себе со ламентации дека нема ни вистина, ни убавина, ни правда, ни логика, ни љубов, ни добрина, ни човечност... И дека никогаш ги немало и никогаш нема да ги има... Болни се овие луѓе, и им треба лекарска помош... Ама, нивната „филозофија на живот“ во нашиот мал град, поминува и има своја употребна вредност.
 
Значи, заради таа малограѓанска примордијална омраза, ене ги вистината и логиката како се влечкаат по градските уличиња и сокачиња, во искинати алишта, подвиткани и понижени, демонизирани и претепани, исплукани и протерани на периферијата, или, дури, далеку од координантите на овој измамнички град. Оттука, при допир со малограѓанската средина добро е да се има предвид оти спротивно на вистината е лагата, а дека доколку лагата се смета за вистина тоа се нарекува заблуда. Или, привид на вистината. Во ограниченоста на малограѓанскиот разум лежи причината за неукоста, но никако и причината за заблудата, оти извор на заблудата, најчесто, е незабележливото влијание на осетите, видувањата, чувствата, субјективноста врз разумот. На нашите малограѓански „мудреци“, за да ги избегнат заблудите им недостасуваат способноста за самостојно мислење и доследност на застапуваните ставови, односно во секое време да се мисли согласно на самиот себе и логиката, оти кога тоа недостасува останува само контрадикторност во зборовите и ставовите.
 
Денес, во нашата малограѓанска средина, чувството дека е систематски изложен на малограѓанско клеветење и малограѓанска злоба, кај човек може да предизвика трајни колебања, раздразнетост, кусогледост, но и забуни, предрасуди и параноидни талкања, може да помисли дека спасот е во некаква самоизолација, може да се прелаже дека околу него рика глутница од безмилосни и глупави двоножни предатори, па да се претвори во манјакално прогонета ѕверка која ќе размислува и дејствува во противречност со разумот и логиката, токму онака како што размислува и самата малограѓанштина. Затоа, секој нормален поединец, наспроти малограѓанската пизма кон вистината и логиката, треба да се стреми, да ги прифати за себе разумноста и доследноста, а луѓето кои се умни, логични и интелегентни сите ние треба да ги поддржиме во нивното професионално напредување, оти само така сите ќе можеме да сведочиме прогрес во сите сфери од животот.
 
 
 
 (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани