Сезнајковци ниту постоеле, ниту ќе постојат. Учиме целиот живот! (пишува Александар Адамовски)

Јули 01, 2026

БИТОЛА - Во воспитно-образовната дејност присутен е подмладок кој работи со деца, односно има обврска и должност да поучува и описменува генерации. Едни кадри се пензионираат, други ги заменуваат, нели како што наложува старосната граница за пензионирање. Помладите наставни кадри (некои подолго време дипломирани, а некои штотуку дипломирани) треба континуирано да се интересираа и да учат односно да се надградуваат во своите професионални компетенции.

Почетници на самиот почеток од професионалната кариера се приправници, односно една учебна година се консултираат и соработуваат со нивен ментор, кој според програма за работа со приправник дава насоки, совети, сугестии за подобро одвивање на наставниот процес и секако му помага на приправникот со укажувања, да биде подобар и каде треба да се поправи. Соработката помеѓу менторот и приправникот, треба да биде на високо професионално ниво. Само така најдобро се учи и без проблем се полага приправничкиот испит. Но дали е доволно почетникот само да изведува настава и толку? Секако дека не е доволно. Кај самиот приправник треба да постои волја и ентузијазам за работа со ученици, а тоа најдобро ќе се согледа од самиот пристап кон училиштната средина. Не е така лесно да се биде наставник и да се работи со тој убав, млад свет. Секоја генерација е различна со посебни барања, потреби и очекувања... Како што се менува времето, така се менуваат и генерациите што доаѓаат со него. Наше е да ги прифаќаме промените и да се трудиме да се приспособуваме на нив.

Да се учи од поискусниот треба да претставува: чест и задоволство

Сезнајковци ниту постоеле, ниту ќе постојат. Учиме целиот живот. Учиме, се интересираме, сознаваме, прашуваме, од причина што треба да бидеме цивилизирани луѓе. Значи помладите наставници кои се вклучени конкретно во наставниот процес, треба да соработуваат со своите повозрасни колеги, па и со сите, како со стручната служба, така и со останатите вклучени во образовната средина. Никогаш не е доцна од знаење плус во рамки на професионалната кариера. Може многу да се научи од наставник кој работи на пример 30 години во настава, затоа што неговото искуство дава пример како треба да се настапува како вршител на дејност во училница, во училиштна средина, па и пошироко. Нема срамење и мака кога треба да се научи и совлада нешто трајно. Тоа е должност и обврска на сите нас просветари. Исто така во професионалното досие на еден наставник (поготово, приправник), многу е важна консултацијата со училиштен педагог, психолог итн. Професионалното досие на наставникот е поврзано со професионалното досие на ученикот, затоа што тоа е лик и дело на работењето и на сиот вложен труд на наставникот и на ученикот или подобро кажано доказ за оформување на оценка (постигнувања на наставникот и постигнувања на ученикот). Наставникот-почетник мора да се консултира пред секој чекор што ќе го направи во работењето со учениците и во водењето на педагошката евиденција, како и пред изведувањето на сумативна оценка за учениците. Многу е важен тој период на соработка и консултација поговото пред крај на полугодие или наставна година. Така се стекнува искуство. Но таа свест и одговорност останува на самиот приправник. Не можете со сила ништо да правите и никого да натерате да сработи нешто. Се очекува и правилно е од помладите наставници приправници: соработка, консултација, договор, интерес, доследност, разбирање и одговорност. Ако се почитуваат овие клучни начела, секако дека резултати и успеси ќе има. Повторувам никој не е сезнаен, учиме целиот живот!

Позитивниот пристап кон наставата значи напредок

Како наставници мора да имаме позитивен пристап кон наставата и кон обврските што ги имаме во неа. Имаме обврска да останеме позитивни и да шириме пријатна атмосфера за работа, оти од нас тргнуваат сите впечатоци... т.е како ние ќе се поставиме така ќе се изгради мислењето за нас. Секој наставник е менаџер на часот и треба да го дава најдоброто од себе за тие што ги поучува – за учениците. На тој начин, се споделува животна вештина. Само така ќе пренесуваме убаво искуство на нашите помлади колеги кои имаат чест да работат во образование и да поучуваат. И што е најважно потребно е да се почитуваме едни со други, да покажуваме емпатија и професионален однос спрема сите, без разлика каде сме и со кого сме. Така се негува и надградува личниот авторитет и принцип на работа. За да има образовен напредок клучен е личниот капацитет и колегијалната соработка. Таа лекција еднаш се учи, а секогаш се применува. За крај да потсетиме дека учењето, поучувањето и повторувањето се здрави навики кои траат доживотно. Како ќе им пристапиме зависи од нас самите.

Автор: професор Александар Адамовски    

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани