АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Димитар Ефтимов ЛИАКУ
На 20 јануари во 1921 година во Скопје е роден Димитар Ефтимов ЛИАКУ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење во Вардарскиот дел на Македонија и учесник во Антифашистичката војна 1941-1944 г., лекар-хирург.
Студирал медицина во Софија, а бил партизански лекар во 15. Македонски корпус на Сремскиот фронт.
Медицински факултет завршил во 1949 г. во Белград. Хирургија специјализирал (со прекини) во Скопје и ја завршил во 1954 г.
Во 1952 г. бил испратен како специјализант на работа во Битола, каде што останал до пензионирањето во јануари 1987 г. Бил началник на Хируршкото одделение, примариус и виш здравствен советник во Битола.
Добитник е на повеќе награди и признинанија на СРМ и СФРЈ и носител е на "Повелбата д-р Трифун Пановски" - највисоко признание на Македонското лекарско друштво.
Вангел ЧУКАЛЕВСКИ
на 20 јануари во 1910 г. во Битола е роден Вангел ЧУКАЛЕВСКИ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, воен пилот.
Во предвоениот период бил пилот, со чин капетан во бившата Југословенска војска. Во време на бугарската окупација на Битола го помагал антиокупаторското движење, бил организатор и член на градскиот НОО, а во почетокот на 1944 г. се приклучил на партизанските единици.
Во 1944 г. станал член на КПМ и командант на Четвртата оперативна зона на НОВ и ПОМ. Бил командант на Првата македонска НОУБ од денот на нејзиното формирање 8 јуни 1944 г., па се до 25 септември 1944 г.
Унапреден во чин мајор на НОВ и ПОМ на 1 јули 1944 г. и станал прв помошник на началникот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ од 25 септември 1944 г. Бил избран за делегат на Второто заседание на АВНОЈ и учесник на Првото заседание на АСНОМ. Бил одликуван од Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ со Орден партизанска yвезда во октомври 1944 г. и на 1 декември 1944 г. бил унапреден во чин потполковник на Народноослободителната војска на Југославија (НОВЈ).
По целосното ослободување на земјата од фашистичките окупатори ги стекнал највисоките офицерски чинови на Југословенската народна армија (ЈНА) и во нејзини рамки вршел разни одговорни должности. Починал во Белград, Србија, на 8 јануари 1983 г.
Бено Исак РУСО
На 20 јануари во 1920 г., во Битола е роден Бено Исак РУСО, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, генерал-мајор на ЈНА.
Завршил основно училиште, бил механичарски калфа. Служел воен рок во 1941 г. и бил заробен од германските сили и спроведен во логор. Избегал од логорот, се вратил во Македонија и се вклучил во НОАВМ. Во 1941 г. станал член на КПЈ, а во 1942 г. борец во ПО „Јане Сандански“ и во ПО „Даме Груев“.
Во 1943 г. бил во баталјонот „Мирче Ацев“. Бил политички комесар на чета, на баталјон, на бригада и на 41. дивизија. Како политком на 15. (македонски) корпус учествувал во борбите на Сремскиот фронт.
По војната завршил Виша политичка школа „Ѓуро Ѓаковиќ“ и Виша воена академија. Во 1960 г. бил унапреден во чин генерал-мајор.
Во пензија бил од 1970 г. Одликуван бил со: Партизанска споменица 1941, Орден југословенско знаме со лента, Орден заслуги за народ од прв ред и др.
Починал во Скопје на 18 јуни 2006 година.
подготвил: д-р Александар Литовски, историчар