ОЈО: Истрага за даночно затајување во Битола

Ноември 25, 2023

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, од кои едното е осомничено за продолжено кривично дело – Даночно затајување од член 279 став 2 од Кривичниот законик, додека второто му помогнало при извршување на делото.

Осомничениот 62-годишен сопственик и управител на правно лице во Битола, со помош на осомничената 41-годишна вработена, избегнал плаќање на данок на добивка и противправно ја намалил обврската за ДДВ на правно лице.

На крајот на 2019, според сметководствената евиденција, најмалку 11 физички лица имале доспеани, а неподмирени обврски кон правното лице. Тие ги исполниле своите обврски со исплата на готовина лично на рака на осомничениот, преку плаќање во готовина или преку компензација со опрема. Иако ги подмириле долговите, нивните обврски спрема правното лице фигурирале во сметководствената евиденција како отворени, односно не биле книжени, со што првоосомничениот за нив не пресметал, не пријавил и не платил данок на добивка по даночна стапка од 10%. Постои основано сомнение дека на овој начин го оштетил Буџетот на РСМ во вкупен износ од 7.210.321 денари.

Во текот на 2019 година, додека била отворена претстечајна постапка и постоела забрана за отуѓување на имотот на правното лице, второосомничената изготвила девет фактури за продажба со вкалкулиран износ на ДДВ, кои првоосомничениот ги потпишал, а со кои префрлал товарни, приклучни возила и работни машини од фирмата во претстечајна постапка кон друго правно лице во негова сопственост. Со фактурите тие извршиле пренос на сопственоста на возилата, а при тоа не извршиле плаќање на фактурите, со што овозможиле неосновано да се зголемат влезните побарувања за ДДВ во новото правно лице и незаконски да се намали неговата обврската за ДДВ во износ од 500.400 денари, оштетувајќи го Буџетот за оваа сума.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола поднесе предлог за определување мерка куќен притвор за првоосомничениот, додека за второосомничената се определени мерки на претпазливост.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани