Гласно НЕ за амнестија на бесправната градба (пишува Валентин Груевски)

Мај 13, 2021

 

ЛЕГАЛИЗАЦИЈА

Првиот закон за легализација во 2011 година, предизвика многу контроверзии во јавноста и многу различни размислувања за неговата применливост, за неговата успешност и за неговата неопходност за  донесување во тој момент. Законот предвидуваше легализација на бесправно изградените објекти до 2011 година со минимална надокнада од едно евро за метар квадратен за дивоградбите.

Бројот на барања  кои пристигаа во општините беше огромен, а конкретно во Општина Битола, во таа година бројката стигна до над десетина илјади барања за легализација, како на индивидуални станбени објекти, така и огромни деловни објекти и колективни станбени згради, од кои по легализацијата сопствениците остваруваа огромен профит, бидејќи истите беа нелојална конкуренција на оние кои уредно си ги платиле комуналиите.

ЗАКОНОТ

Беше лош, многу лош, да не речам ужасен. Покрај привилегиите кои одредени кругови ги искористија од овој закон, со него беше погазена една цела професионална  фела, која се обидува да планира, да урбанизира, да предвидува развој. Беше погазен целиот нивни труд, целото знаење, целото школување и усовршување. Во вода паднаа сите урбанистички, детални и генерални планови, и беше нанесена огромна штета на целокупниот развој.

Можеби се ќе беше поразлично, ако законот се однесуваше само на домовите, гаражите, придружните објекти во приватните  дворови на граѓаните и законот ќе имаше сосема друга димензија, а граѓаните да добиеја прилика да легализираат свои, приватни објекти, ама законот предвидуваше легализации на сѐ и сешто и секаде. Се легализираа хотели, фабрички хали, згради, работилници на приватна земја, на сообраќајници, на државно земјиште. Секој кој не почитуваше закон и немаше платено комуналии беше привилегиран и  награден.

ПРОШИРУВАЊЕ

Проширување и надградување на овој закон е сосема непотребно, како во овој момент така и претходно. Со него само се прави амнестија на бесправната градба, се прави груба дискриминација на оној кој платил комуналии и оној кој не платил. Одредбата за  легализација на сѐ она што се направило до ден денес, е премногу и за истренираните органи на варење на просечниот македонски граѓанин.  Додавката дека се запираат сите постапки за кои се донесени дури и решенија за уривање и за нив се постапува, го доведува и прашањето зошто на Општините воопшто им се потребни и   градежни инспекциски служби и зошто земале плата сите овие години.

Апсолутно се во право неколку пратеници од Македонското собрание, кои побараа запирање на Законот и негово преиспитување, а меѓу нив се и пратениците од мојата ЛДП. Без разлика што се во власта, и што ја подржуваат оваа власт, уште еднаш покажавме дека сме различни и дека знаеме да ги препознаеме добрите проекти, ама и да реагираме на штетните закони.

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола, член на  Либерално-демократската партија    

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани