2win800x200

Делегацијата на ЕУ ќе ги повлече парите за Битола – ако нема велопатеки, нема ни за објектот „Парк“

Октомври 03, 2023

БИТОЛА – Делегацијата на ЕУ во Скопје ќе го повлече проектот и помошта од 400 илјади евра за Општина Битола за проектот „Smart4You2“ доколку Советот на Општина Битола не најде начин да даде согласност на одлуката за кофинансирање на проектот. Едноставно кажано, ако не се изградат велопатеки нема да се реконструира ни објектот „Парк“.

 

Мнозинството во Советот на вчерашната седница донесе одлука да не се градат велопатеки со европски средства и покрај одобрената пренамена од европската делагација, туку парите од проектот да останат како што беше првично во проектот за реконструкција на објектот „Парк“, во скоп на Офицерскиот дом во Битола.

На прашање на „Независен“ како ќе постапи европската делегација понатаму со овој проект и средствата одобрени за изградба на велопатеките, од таму ни одговорија дека по официјализирање на целата постапка Делегацијата ќе го отстрани проектот, а парите ќе ги врати назад во касата на Европската унија.

„Делегацијата на ЕУ ја даде согласноста на барањето од општината за пренамена на средства од ЕУ за поддршка на проект за изградба на велосипедски патеки. Останува на Советот да донесе одлука дали ќе го одобри проектот. Доколку таквиот амандман не добие согласност и проектот не може да се продолжи, Делегацијата на ЕУ ќе треба да го суспендира договорот. Финансиското учество на ЕУ предвидено за овие активности потоа ќе биде вратено на ЕУ“, изјавија од Делегацијата на ЕУ во Скопје за „Независен“.

Вчера, СДСМ, двајца советници од „Поинаку“, ДУИ и ДОМ, гласаа против реализацијата на велопатеки во Битола, тројца советници беа воздржани, а ВМРО-ДПМНЕ гласаше за проектот. Речиси половина година наназад во Советот се прекршуваат копјата дали со средствата од европскиот проект „Smart4You2“, треба да се градат велопатеки во Битола или не. Пред две недели и евроамбасадорот Дејвид Гир беше на средба со советниците и одговарајќи на нивните прашања им кажа дека Делегацијата даде согласност за пренамена на средствата. Но, по сѐ изгледа и тоа не беше доволно, па мнозинството излезе со нова стратегија, велосипедските патеки да ги изгради Општина Битола со сопствени средства, а парите првично наменети за обнова на руинираниот објект „Парк“ пак да се насочат за тоа. Меѓутоа сега по одговорот на Делегацијата е јасно дека ако Советот не даде зелено светло за реализација на проектот за изградба на велопатеки, како што стои во анекс договорот на Општина Битола со делегацијата на ЕУ , нема ни обнова на објектот „Парк“.

Градоначалникот Тони Коњановски е незадоволен од односот на мнозинството во Советот.

„Со неусвојување на одлуката за изградба на велопатеки, загубивме сите како граѓани на Битола, а со тоа Битола да биде ставен под знак прашалник за добивање на европски средства за реализација на нови проекти“, вели тој.

Бурни се реакции во битолската јавност за неодобрувањето на проектот за изградба на велопатеки, особено кај граѓанските здруженија кои како приоритет им е изградбата на велоинфраструктура – да се поттикнува пешачењето и возењето велосипеди, со цел да се намали моторизацијата на Битола.

А.Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани