2win800x200

Квалитетни наставници-успешни ученици (пишува: Александар Адамовски)

Април 06, 2023

Во воспитно-образовниот процес, треба да работат професионалци, луѓе „потковани“ во професијата со трајни знаења, умеења и вештини, кои најпрвин, ќе ја сакаат работата за која се ангажирани, потоа ќе покажуваат емпатија спрема најмилите со кои работат и спрема опкружувањето со кое работат и на крај, ќе бидат задоволни од тоа што го извадиле од училиштните клупи. Така се гради и така напредува еден квалитетен наставен процес, на тој начин се постигнуваат и успеси. Во продолжение, овој текст го делам на два дела, односно на две страни (субјект-објект) во наставната работа.

Може ли секој да биде поучувач (наставник)?

Директен одговор на насловното прашање е: НЕ! Секој еден, не може и не треба да работи со ученици, затоа што наставната работа, за одредени наставници е сфатена само како купи ден, помини. И не е точно, дека тие си поминувале најлесно, па дури и ќе ги унапределе. Не се согласувам со тој став. Напротив, таквите неработници и непрофесионално изградени „просветни работници“, или треба да се вратат на факултет и да го дозавршат, или да се бараат во друга работна дејност. Тој е несомнен и очигледен факт. Мора да постојат многу построги критериуми уште пред факултетот да издаде Диплома и секако, при самото вработување. Таа обврска и одговорност е на други институции, кои мора посериозно да пристапат во оформување и испраќање на наставен кадар во настава. Не смее факултетското образование да биде на рамниште на средно образование, тоа е недозволено. Можеби една од причините е токму таа – квалитетот на високообразовната настава, или пак корените се од многу одамна, а од друга страна – партиските вработувања, кај кои не постојат скоро никакви критериуми за квалитет на наставен кадар, во случајов. И нормално, интересот за студирање и паралелно, за работење е минимален. Штета, која е непоправлива веќе години наназад. Тврдам дека постојат исклучоци (иако се ретки) кои со своите професионални способности не се штедат во работата што ја работат и го даваат максимумот што го поседуваат. И навистина работат, а не народски кажано – забушаваат. Како да учи ученикот, кога наставникот не му дава волја и не го мотивира? Е, тоа, не се учи, тоа се стекнува и усовршува низ годините на студирање, на пракса и на континуираното наставно искуство. Целата методика на наставна работа (кога добро е сфатена и научена), треба да биде вградена во меморијата кај наставникот како трајна и само да се надградува. Тогаш, наставникот има цел и очекуван исход од работата, оти тој е менаџер на часот и само од него зависи квалитетот на производот кој ќе го произведе. Затоа велиме: едно е, да се сака, друго е, да се може, а сосема трето е, да се умее. Не може да докторирате, а да не правите истражувања на вашата докторска теза (всушност, тоа на некој начин и се случува). Нашата наставна обврска и одговорност како наставници, покрај со административни активности, најмногу треба да биде фокусирана на учениците, затоа што во секое едно дете е вграден талент, кој треба да биде откриен и соодветно негуван од наша страна. Дури тогаш, нашата мисија ќе биде целосно потврдена и успешно трасирана по патот за кој што сме се определиле. Кога сте се определиле за професијата: учител, наставник, професор, работете ја со многу: љубов, волја, внимание, трпение, радост. Тогаш, сте прави просветари! Разбира, оној на кого вистински му се работи и кој со задоволство влегува и излегува од наставен час. Да се поучува, поготово млад и убав свет, е најголема чест во животот (лично, за мене). Точно е, дека секое време носи свој предизвик. Затоа, треба да бидеме подготвени и да излеземе во пресрет на барањата на новото време и да знаеме како да се справиме со нив на достоен начин (макар, колку и да изгледа макотрпно). Квалитетниот наставник, оној прав просветител, има авторитет и принцип! Кај таков наставник, секој час е задоволство, а не одбивност. Оттука, повторно се навраќаме на главниот субјект на часот и на неговата најважна улога. Објектот е само реална и искрена проценка, за тоа колку субјектот се труди да го описмени и да му даде соодветно образование.

Може ли секој ученик да биде успешен?

И тука, ќе дадам директен одговор – ДА! Секој ученик, носи некоја дарба, и може да биде успешен. Наставникот треба соодветно да го третира секој ученик, затоа што имаме ученици кои сакаат да учат и тежнеат кон успеси и ученици на кои учењето не им оди баш така лесно, а исто така и ученици со посебни образовни потреби, кои се дел од редовниот и задолжителен наставен процес. Проценуваме, па соодветно даваме тестови и оценуваме според тежински нивоа на знаења (тоа е одлична можност, секој ученик да го напише тоа што го знае и како нештото го разбрал). Не дека не можат да учат, тие потсвесно тоа одлично го знаат, ами пропуст е, што читањето не им претставува задоволство, па го знаат само тоа што ќе го чујат на час (ако ги интересира). Повторно доаѓа до израз функцијата на наставникот, кој треба да процени со какви ученици работи, каде има потешкотии, а каде напредок и преку дополнителни ангажирања, да гледа да постигне некаков резултат кај сите ученици. Не смее да има поделба на слаби и силни ученици. Тоа никако. Ќе ги искористиме сите наставни ресурси, односно сите можности, со цел да излеземе во пресрет на талентот на секое дете. На пример, ако едно дете умее да глуми, тоа ќе биде дел од драмската секција во школото, или ако има добар глас, ќе оди на хор во школото итн. Така, од училиштните клупи, излегуваат генерации со различен степен на успешност. Ќе повторам, за крај: најважен е влогот на наставникот во градењето на писмената основа на ученикот. Од него зависи, дали ученикот ќе сака да го почитува и него како личност и неговиот предмет, или ќе создаде негативен ефект, кој потешко се менува. Секој наставник треба да тргне од себе, од своите потенцијални можности и квалитети, за да може да очекува одредени постигнувања и успех кај своите ученици. До тука, е лична волја и способност, понатаму е веќе тактика и изговор. Трудете се, да бидете најдобри во тоа што го правите!

 

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јази

 

 

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани