АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во наредниот период во Општина Битола ќе се гради делот од Зелениот градски пазар каде се продава бижутерија и цвеќе, ќе се реконструира патот за Маловишта, ќе се реконструира и патот за селото Буково, а ќе се прави и парк во село Лопатица. Ова се четирите проекти за кои Општина Битола доби пари преку Програмата за рурален развој.
-Општина Битола конкурира со четири проекти на повикот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието. Сите четири проекти се одобрени и Битола ќе добие пари за реализација на истите. За секоја програма можеше да се учествува со по еден проект, а Битола го доби максимумот, потврди за Апла.мк претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски.
Според Груевски во текот на овој месец се очекува да бидат потпишани договорите.
-Единствената пречка е тоа што пазарот во Битола се наоѓа во старото градско јадро и дозволите за негова изградба се многу покомплицирани и се добиваат од Управата за културно наследство. Сите овие проекти се гласаа од Советот на Општина Битола и тоа на по два пати секој проект, објаснува Груевски.
Вчера министерот за земјоделство Лупчо Николовски објави дека со 202 капитални проекти изработени од 80 општини и 8 Плански региони, создадени се услови за подобар и достоинствен живот за граѓаните во сите општини во државата.
-Започнавме со потпишувањето на решенијата за проектите на сите општини и плански региони, со коишто ќе имаме реализација на капитални инвестиции во делот на локална патна инфраструктура, патишта за поврзување на населени места, за поврзување на селата, домови за култура , изградба и реконструкција на пазари, инвестиции во водоводна и канализациона мрежа, различни тип на инвестиции во делот на руралниот туризам.
Ова се дополнителни 38 милиони евра коишто ги обезбедивме преку Програмата за рурален развој и коишто ќе бидат инвестирани во капитални инвестиции за потребите кои се најважни за граѓаните, а ќе го поттикнат и регионалниот економски раст, објави Николовски.