2win800x200

ДКСК пред три години за хациендата во Нерези не најде поврзаност со Филипче

Април 22, 2024

Хациендата за која Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ го повикува д-р Венко Филипче да одговори од каде му е, е затворен предмет за Државната комисија за спречување на корупција во кој нема утврдено никаква поврзаност со неврохирургот. 

 

ДКСК го отворила предметот на 13.03.2020 година, а подоцна на 22.07.2021 година носи одлука со која го запира постапувањето.

 

Во одлуката на ДКСК јавно објавена на нејзината веб-страница стои:

 

„Согласно со одредбите на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси Државната комисија за спречување на корупцијата утврди дека нема елементи за натамошно постапување по предметот од причина што од утврдената фактичка состојба не е констатирана повреда на закон и состојба на судир на интереси“.

 

Во понатамошното образложение на одлуката, ДКСК наведува дека е направен увид во историскиот преглед добиен од Агенцијата за катастар и Општина Карпош при што е утврдено дека имотите кои се разгледувани во предметот се купени во 2014 година, пред воопшто Филипче да биде носител на јавна функција. 

 

„Исто така, имајќи ги предвид одредбите од член  2 став з од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси во кои е уредена дефиницијата на „судир на интереси", и член 8 став 4 од истиот закон каде е уредено  значењето на поимот „блиски лица", во постапките за јавни набавки не е констатирана состојба  на судир на интереси. Оттука, ДКСК оцени дека нема елементи за нејзино натамошно постапување во предметниот случај, по што одлучи постапката по оформениот предмет да се  запре, а предметот да се затвори и да се архивира“, стои во одлуката на ДКСК. 

 

Тогашната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска во образложение на одлуката наведе дека  имотите се купени во 2014 година, како имотот на Илир Хасани, така и на Горан Филипов, така и на Катерина Савевска, мајка на сопругата на министерот Филипче и ДКСК не нашла судир на интереси, како што беше наведено во пријавата, бидејќи станува збор за приватни лица кои не се службени лица ниту пак биле кога се купувало земјиштето.

 

Филипче преку својот Фејсбук профил одговори на прозивките на Николоски и најави тужба против него за изнесените наводи. 

 

„Што се однесува до сите лаги пласирани за наводна моја хациенда на Водно за која ДКСК има одамна одлука дека не ја поседувам, ќе добие соодветна тужба“, напиша Филипче.

 

Одлуката е објавена на следниот линк: https://dksk.mk/wp-content/uploads/2021/08/2021-526-6-%D0%B2.%D0%B2.-12-1606-%D0%BE%D0%B4-2020.pdf 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани