2win800x200

(Видео) Заминувам од позицијата министер горд на сработеното, рече Филипче пред предавањето на функцијата

Јануари 17, 2022

Ми беше чест и задоволство во изминатите четири години да ви служам. Заедно поминавме многу во историски најтешкиот период за македонското здравство, рече министерот за здравство Венко Филипче пред предавањето на функцијата  на идниот министер Беким Сали, кадар на Алијанса.

„Поддршката која ја добивавме јас и моите колеги ни даваше сила да продолжиме напред и да ја водиме битка со пандемијата. Одново да се бориме за секој живот и да се грижиме за здравјето на секој пациент. Но, и покрај сите предизивици со глобалната ковид криза, успеавме да направиме темелни промени во здравството и да реализираме инвестиции на кои сум навистина горд. Го вративме достоинството и мотивацијата на здравствените работници со покачување на платите како никогаш порано. Тие сега земаат повисоки плати од 25 до 40%, а специјализантите за првпат се платени додека специјализираат. Верувам дека новата Влада ќе продолжи да ги покачува платите бидејќи здравствените работници тоа го заслужуваат. Се грижевме за сите пациенти подеднакво како и за оние кои порано беа игнорирани и заборавани. Обезбедивме лекови за пациентите со ретки болести. Нема ниеден пациент без достапен лек затоа што секој човек е важен, а воспоставивме и регистар за ретки болести“, рече Филипче.

Тој додаде дека за време на неговото министерување се реши проблемот со лекови од паралелен увоз, ги укинаа и квотите и сега сите лекови се квалитетни и достапни во секое време. Дијабетичарите имаат достапен врвен инсулин, а за децата со дијабет обезбедиле средства за набавка на безболни апарати за мерење на гликемија.

„И покрај економската криза, инвестициите во здравството не запреа. За четири години реновиравме и изградивме здравствени капацитети повеќе од било кога во минатото. Реновирани се 50 здравствени установи, клиники и хируршки сали кои се опремени по највисоки светски стандарди. Отворени се нови центри и оддели во рамки на болниците и пациентите сега ги добиваат услугите онаму каде живеат. Набавивме медицинска опрема која овозможува операциите, за кои порано пациентите одеа во странство, сега да ги правиме дома. Набавивме најсовремени апарати, 9 компјутерски томографи и 7 магнетни резонанци. Ова претставува најголемо вложување во клучна апаратура во историјата на нашето здравство“, рече Филипче.

Тој посочи дека во екот на пандемијата ја изведоа првата успешна трансплантација на срце, а потоа уште 5 со што се направи историски чекор во македонската кардиологија. За првпат се изведе и трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител што е уште еден голем дострел на македонското здравство.

„Горд сум на сите посветени колеги кои почнаа да применуваат нови методи на работа и изведуваат најсовремени операции. Имаме нови методи за лекување на пациенти со мозочно крварење, нов третман на епилепсија и нови неинвазивни методи за лекување на Кардиохирургија“, додаде министерот на заминување.

На крај рече: „Заминувам од позицијата министер горд на сработеното знаејќи дека се што направивме, секоја одлука која ја донесовме ја носевме исклучиво во интерес на здравјето и заштита на граѓаните. Со оваа мисија продолжувам да работам и понатаму“.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани