Жалопојки (пишува Димитар Пипилевски)

Ноември 28, 2021

Преплавените се социјалните мрежи од жалопојки по потврдената оставка на Заев. А чуден феномен, најголемите пискотници доаѓаат баш од оние кои му сплетија "свилен гајтан", а истовремено веќе се приклонуваат кон одреден потенцијален кандидат и почнуваат да ја плетат мрежата околу него. Едно нешто требаше да научиме досега-нема такво нешто што е НЕЗАМЕНЛИВО. Токму Груевизмот, а и целата историја, требаше да нѐ научи колку е лошо да правиме култ од личност. А вистината е малку поинаква; наместо да воздигнуваме некого до небеси (а за брзо тоа ќе биде друг ПОЛУБОГ), требаше, наместо да го тапкаме по рамо, да му ги предочиме сите позитивни, ама и негативни страни на неговото делување. Накратко ќе образложам. Мораме да ја признаеме храброста и визијата на Заев за затворањето на деценискиот проблем со Грција преку Преспанскиот договор.

Арно ама, требаше и да му предочиме за нереформираното правосудство. Директори и функционери кои мислеа дека нивни се градовите, а и државата. Директори и функционери кои за само неколку години станаа милионери. Министри кои со невидена ароганција "туркаа" реформи без консултација со фелата. Општински раководства кои ги затворија вратите на партиите за своето членство. Општински раководства кои не почитуваа различно мислење, а секој што ќе го искажеше го атакуваа, па дури и го исклучуваа. Градоначалници кои не сработија ништо и мислеа дека ќе бидат вечни на таа функција.

Требаше да го поучиме дека наместо да "замрзнува" и исклучува непослушни, спобност и демократичност е да ги сплоти и да ги ислуша. И заборавивте уште нешто, вие кои веќе го одредивте следниот лидер-лидерот се бира на непосредни избори помеѓу членството. Јас ќе почекам да видам кој сѐ ќе се кандидира и каква програма ќе достави (оти, нели, треба да има) со која ќе ни понуди визија за делувањето на партијата а и државата во неговиот мандат.

Мојот избор ќе биде оној кој:

- ќе побара менување на Статутот, така што, покрај лидерот, преку гласање ќе се избираат општински раководства, кандидати за пратеници, советници...;

- ќе успее да ги сплоти сите натаканаречени "крила" и ќе го испочитува и нивниот став;

- ќе ги разреши сите директори кои "бидат очи" со новостекнатото богатство, а и оние кои не си ја оправдаа довербата;

- ќе ја стопира реформата во образованието и ќе ги согледа реалните потреби во овој столб на сите општества;

- ќе направи вистинска реформа во правосудството;

- ќе направи реформа во МВР (сѐ уште ги чекаме реонските полицајци, а и вината за бегството на Груевски);

- ќе побара една изборна единица и отворени листи;

- ќе застане рамо до рамо со граѓанскиот активизам;

- ќе достави визија за енергетиката, инфраструктурата, здравството;

- ќе прифаќа и бара оставки од функционерите;

Има уште многу работи кои ќе ги барам во следниот лидер на партијата, паралелно на тоа и на Владата, но да не претерам со пишување. И откако ќе одбереме ваква личност, треба да му ги признаеме успесите но и да му ги предочуваме маните, оти секој без тоа би "забегал".

Пишува Димитар Пипилевски, наставник по германски јазик, член на СДСМ.

 (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани