Среќна нова со бугарско антимакедонство

Јануари 16, 2022

Пишува: Александар Литовски

 
 
Македонија и Македонците, сѐ повеќе, се исправени пред притисокот на антимакедонската политика од бугарските националисти и пред притисокот да „мораат“ да ги слушаат ревизионистичките лаги на големобугарската истороиграфија. Една од тие лаги е онаа за наводните масовни убиствата на Бугари по 1945 година, па затоа „Дојче Веле на македонски“, што би се рекло, ни ја честита Новата година, со некритичко пренесување, на 6 јануари 2022 година, на антимакедонските ставови на Марин Рајков, бугарски амбасадор во Обединетото Кралство. Неговите измислици за таканареченото „Крваво коледе“ беа пренесени без да се почитува новинарското правило „да се чујат сите страни“, па во текстот нема ниту еден став и мислење од македонски историчар, или барем политичар.
 
Според Марин Рајков: „Овој период од годината нѐ потсетува дека на 7 јануари 1945 година, југословенските власти и локалните соработници ја започнаа кампањата за насилно дебугаризирање на Вардарска Македонија, позната како Крвавото Коледе, вели тој во интервју за Бгнес, одговорајќи на прашањето - каде е решението за брзо решавање на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија.“ Тој појаснува дека тоа било „само почеток на крвавите репресии, кои за две децении однесоа животи на илјадници македонски Бугари, кои одбиле да прифатат етнички инженеринг. Таа трагична страница не треба да биде затворена без да биде прочитана... За да стапне на патот кој води кон Европа, РС Македонија ќе треба да помине низ својата катарза...“ Натаму, „Дојче Веле на македонски“ го засилува впечатокот дека се зборува за некаква „утврдена вистина“ бидејќи дополнително пренесува: „Бугарската партија ВМРО-БНД соопшти дека денеска напладне во црквата „Св. Софија“ во главниот град ќе се одржи панихида во спомен на жртвите од комунистичките ѕверства врз Бугарите во Вардарска Македонија. Покрај европратеникот и заменик-претседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски и други партиски функционери, најавено е присуство и на претставници од Бугарското здружение на родовите од Македонија и од Македонскиот научен институт. Во партиското соопштение се вели дека на 6-ти спроти 7-ми јануари 1945 година започнала политичката репресија во Титова Југославија, во која илјадници луѓе со бугарски идентитет во Вардарска Македонија биле ликвидирани или малтретирани без судење - градоначалници, свештеници, учители и обични селани од цела Македонија. Тие биле нарекувани ‘бугараши’ и ‘помагачи на бугарскиот фашистички окупатор’. a целта била насилно србизирање на Вардарска Македонија.“
 
Најнапред, ако на „Дојче Веле на македонски“, му смета спротиставена македонска позиција во однос на измисленото „Крваво коледе“ и ако не сака да консултира и да побара став од македонските историчари или политичари, тогаш може наспроти ставовите на Марин Рајков и антимакедонската ВМРО-БНД, барем да го пренесе, на пример, ставот на бугарскиот историчар Чавдар Маринов, кој за ваквите глупости и лаги произлезени од антимакедонската големобугарска националшовинистичка кујна, во едно интервју од октомври 2020 година, вели: „Овие бројки се нонсенс. Нивната основа е една мошне проблематична, непотврдена од сериозни истражувања, повеќе публицистичка литература, пишувана во Бугарија во 80-те години и објавена по падот на комунистичкиот режим. Во неа има мноштво непроверени информации, одречени од архивски истражувања (на пример, за масовно истребување на офицери и војници на Скопското Кале во декември 1944 година), а исто така и тенденциозно квалификување како „Бугари” на секакви жртви на политички репресалии во југословенска социјалистичка Македонија... Секако, наведените од бугарските политичари бројки се комплетно произволни и дефинитивно далеку над секакви разумни калкулации.“
 
Ваквите националшовинистички бугарски измислици, во македонскиот јавен простор, до изнемоштеност, се повторуваат, со надеж дека илјада пати повторената лага ќе се претвори во вистина. А, кој знае, под силен политички и дипломатски притисок и во содејство со нашата врховистичка петта колона, која бара во име на „антикомунизмот“, „вистината“ и „европската иднина“ тие лаги да ги претвориме во непорекливи „вистини“, тоа можеби и ќе се случи. И, колку да се знае и колку да се предупреди: ако се прифатат големобугарските националистички историографски лаги, тогаш неминовно тоа ќе значи отворање на вратите за денационализација и асимилација на македонскиот народ. Оти, ако се признае дека по 1945 година, имало „масовни убиства на Бугари“ и дека тоа било „вовед во процес на дебугаризација“, тогаш се признава дека Македонците не постоеле до тогаш и дека со тој процес преку „етнички инжинеринг“ биле измислени. Впрочем, тоа директно ни го кажува самиот Рајков: „Како што никој не може да го оспори правото на некои од денешните граѓани на РС Македонија да се самоидентификуваат како Македонци, така не е прифатливо да се оспорува самоопределувањето на нивните предци како Бугари“. И, кој тоа кај нас е подготвен овај директен и недвојбен атак врз македонската национална посебност да го прикаже како „нормален“ и премолчано да го одобри?
 
Инаку, приказната за „масакрот на Скопското кале“ е целосна лага. Таквите измислици тешко се демантираат, затоа што не подлежат на законите на логиката и немаат никаква потврда во изворната документација. Оваа големобугарска лага, беше измислена од стариот фашистички слуга во Втората светска војна и истакнат антимакедонски „научен“ експонент на големобугарската пропаганда, Коста Црнушанов. Потоа таа, во деведесетите години на минатиот век беше преземена од бугарската историографија, најнапред од „историчарот“ Димитар Гоцев во „Новата национално-ослободителна борба во Вардарска Македонија 1944-1991 година“ од 1998 година, и натаму, доста неинвентивно, надоградена и мултиплицирана од повеќе автори и политичари. Најекспонирано во апокрифното историографско дело на Веселин Ангелов: „Крвавото македонско коледе“ од 2003 година. 
 
Попатно кажано, оваа големобугарска пропагандно-историска лага за некаков „масакар на коледе 1945 година“, комплетно ја има демантирано македонскиот историчар, почитуваниот Владо Ивановски во 1997 година, преку објавување на цела книга со документи, од кои се гледа дека нема ниту еден загинат, или убиен, во тие настани на 7 јануари 1945 г., а нема ниту некакво „масовно учество“ на некакви „Бугари“. Затоа, не само што не треба да се прифатат бугарските лаги за македонското минато, без разлика колку тие се фаворизираат низ нашиот и европскиот медиумски простор, туку треба целосно да се отфрлат и етикетираат како обична антимакедонска и големобугарска пропаганда. 
 
А, секако, крајно време е кај нас да се постави прашањето дали постојат македонска политика, македонски интелектуалци, македонски безбедносни институции и македонско новинарство, или сите тие, преку иделошко-националистичка индоктринација, или пари од бугарската разузнавачка служба, се претворени во експозитури на големобугарската пропаганда за остварување на санстефанските фикции? Како треба да се сфати „масовното“ молчење на катадневното пренесување на одвратните антимакедонски и антикомунистички небулози на бугарските националисти, со кои сакаат да извршат постепена денационализација и асимилација на Македонците?
 
 
 
  (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани