Сезнајковци (пишува Валентин Груевски)

Јануари 08, 2021

 

Пред неколку месеци едно од моите размислувања на тема „Хејтери“, предизвика, за мене сосема неочекувано, многу коментари и многу реакци по социјалните мрежи. Многумина се препознаа во текстот, им падна можеби и непријатно, ама немам намера да отстапувам од некои свои размислувања и видувања за одредени работи. За тие што не го прочитале тој текст, само да потсетам дека тоа се група на луѓе кои користејќи ги социјалните мрежи, искажуваат омраза кон секоја оптштествена активност, секоја појава, кон се она што се случува во градот, државата и во светот, ама буквално на секоја тема.

Тоа се личности кои во секојдневната комуникација секогаш злобно коментираат и секогаш се обидуваат да се надминат со уште позлобен коментар, од своите претходно злобни коментари. Мора со она што го зборуваат да го понижат другиот, да го повредат, да го понижат без ниедна оправдана причина за тоа, а секогаш во својата комуникација сакаат да користат некој свој сленг или мимика како доказ за нивната оригиналност.

ВТОРАТА ГРУПА

Втората група која се јавува на социјалните мрежи, а јас ја препознавам, и ја нарекувам „Сезнајковци“,  не пропушта да коментира за сите теми, ама сето тоа толку стручно да го „опсервира“, го ,,анализира“ и толку многу го познава, што мислите дека работеле барем по дваесетина години во секоја област. Разликата меѓу нив и хејтерите е тоа што овие не мразат и немаат завист према другите, ама познаваат толку многу области, што не пропуштаат да коментираат за се што ќе видат. Нивните опсервации започнуваат со здравството, меѓународните односи, локалната политика, образованието, урбанизмот и редица други познати и непознати области.

Најстрашната работа е што нивното влијание е толку големо, што луѓето и веруваат на нивните писанија и почнуваат да ги сметаат за релевантни извори за одредено информирање. Тие знаеја пред десетина месеци, дека вирус нема, дека се работи за обична кашлица, која сите ја имаме или лесно ќе ја прележиме, дека сето тоа е една  голема лага и завера, а после тоа  беа информирани и колку лесно вирусот се пренесува преку балконите во „Епинал“, или преку Болницата, ама сега истите тие силно врескаат за каснењето на вакцините и бараат што побрзо да се вакцинираат.

МУЗИКАТА

И една благородна идеја, која претставува ,,обична“ молитва за помош, испеана и изиграна прво во Африка, а потоа проширена во цел свет и интерпетирана од илјадници луѓе, само кај нас може да наиде на потсмев и вреѓање кон оние кои сакале да ни ја приближат  и кои сакале со песна и со играње да упатат молба за побрзо оздравување на болните. Ама кај сезнајковците, кои абер немаа за што се однесува песната, поважни беа чекорите, пантолоните, блузите, капите, местото каде се играше и кој ја играше.

Истите овие,  апсолутно беа убедени, односно знаеја за победата на Трамп на изборите во Америка,  знаат за штетноста од 5Г технологијата, знаат за новиот светски поредок кој ќе се воспостави по извесен период, знаат дека ЕУ и НАТО за брзо ќе се распаднат, знаат се за Александар и за Гоце, за Преспа и за Брисел, за безбедност, за сообраќај, за паркирање, за школство, за спорт, за развој и за напредок. Не сум убеден во нивната свесност или несвесност за одредени пишувања, ама сум убеден во штетата која ја прават во медискиот простор, бидејќи социјалните мрежи се еден голем медиум.

П.С. Со нетрпение ги очекувам нивните тврдења за висината на казните на луѓето кои влегоа на пример во канцеларијата кај Ненси Пелоси. Сигурен сум дека знаат.

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани