2win800x200

Ѓаволот ја однел шегата (пишува Валентин Груевски)

Ноември 26, 2020

 

Кога на почетокот на годината, се појавија првите информации за новиот вирус и првите предупредувања, огромна група на граѓани не веруваа во истите, ги потценуваа, ги исмеваа, се подбиваа со оние кои внимателно ги читаа и ги пратеа светските и домашните стручњаци и експерти. Ова е само обичен вирус, ова е обичен грип, ќе помине како и се друго што поминало, нема ништо, не верувајте, беа најчестите изреки на сите оние кои и без образование, беа поголеми доктори од сите доктори во државата.

Сигурно се сеќавате на високите децибели по социјалните мрежи, дека градот треба да го чуваме со деноноќни стражи, дека треба да се изолираме од сите други, дека на скопјаните треба да им се забрани влез во градот (за еден продолжен викенд), дека „Епинал“ треба да се запали и илјадници други небулози и тврдења, со кои душегрижниците ќе го спасуваа градот. А чести беа и изјавите од типот како кај нас „чистите“, ова не доаѓа, ама и дека ќе ги нападни „нечистите“.

АПЕЛИТЕ

Апелите на надлежните и тогаш, а  и сега се исти. Носењето на маски, држењето на дистанцата, негрупирањето, почитувањето на препораките, миењето на рацете се основните работи кои треба да ги правиме. И сега многу повеќе почитуваме, отколку пред три-четири месеци, помалку 'врескаме' по компјутерите и сите сме исплашени, и за сопственото здравје ама и за здравјето на своите најблиски. Кога Ковид-19 чукна и на нашите врати, кога влезе во секое семејство тогаш почнавме да веруваме во неговата жестокост.

Народски кажано, ѓаволот ја однел шегата, и сега во градот не го слушате стариот муабет, туку слушате многу повеќе, дали си добар, дали поминавте лесно или добро, кој починал, кој е на Инфективно, колкав е редот за тестирање, кој е во изолација, кој е позитивен, кој негативен. Од секојдневното сеирџиство за тоа кој е заразен и каде го добил вирусот, и ставањето на ѕидот на срамот на тие што имаат вирус, разбравме, навистина со закаснување, дека вирусот не бира, ни општествена функција, ни фамилија, ни професија, ниту место на живеење. Едноставно, невидливиот непријател напаѓа насекаде. Не бира.

ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ

Меѓутоа, мора да се најде друга тема, не смее да се остават работите да се движат во некаков нормален колосек, мора да се најде 'храна' за тастатурите и за нашата желба да плукаме по се што ќе помислиме. Сега на ред дојдоа здравствените работници. Не знаат, не се трудат доволно, не се грижат за болните, спијат за време на дежурства, не се јавуваат на телефон и се што може да измисли човековиот мозок, се само да се оцрни една благородна професија, на која во овие моменти и е најтешко и која дава се од себе да ни помогне на сите нас.

Секој најмал пропуст на поединец, го изедначуваме со целата фела и со целото здравство, генерализирајќи, а притоа забораваме дека и при најмал проблем трчаме кај нив и бараме помош. Ама силни сме кога сме здрави, или кога мислиме дека сме здрави, ама мали како зрно песок кога бараме помош и кога имаме потреба од медицинска помош. Затоа да ги оставиме да си ја работат својата работа, бидејќи треба да ги чуваме, а сите ние само да ги почитуваме препораките. Со тоа добивката  ќе ни  биде двојна.

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани