Мајстори за спинување (пишува Валентин Груевски)

Септември 18, 2020

 

СПИН ,,МАЈСТОРИ“-

Во поново време многу често во политиката се употребува и го читаме поимот спинување или спин,  со кој одредена личност или политичка партија се обидува да го пренасочи вниманието од одреден настан, од  некој политичар и истото да го искористи во своја полза, притоа сметајќи дека граѓаните ќе се заинтересираат за неговиот настан, а ќе го заборават настанот кој спинерот сака да го  прикрие.

Спинувањето е современ синоним за манипулација и пропаганда, со граѓаните во начинот на кој нешто се кажува или пак, во начинот на кој се избегнува да се кажат клучни работи во врска со одредена тема. Со ова, нема простор да се добие објективната слика за настаните, а тој што е изманипулиран не е свесен кој го убедил дека некои работи се подобри од тие што навистина се или обратно.

БИТОЛСКИТЕ СПИНЕРИ

Редовно и упорно се обидуваат да ја применуваат оваа техника и морам да признам дека некогаш тоа и им успева, ама некогаш прават тешки промашувања. Тие се обидуваат секогаш кога нешто позитивно има да се соопшти, кога нешто добро се случува да ја дефокусираат јавноста со друга тема, да ја избербатат веста со примитивен говор, секогаш барајќи ја црната точка на голем бел лист. Интересно е дури и да се забележи радоста на нивните лица и злобата во нивните насмевки  ако нешто не успее и  не може да се реализира во предвидено време или рок.

Сведоци сме на секојдневното одвлекување на вниманието од настаните што го одбележуваат периодов, со таканаречено спинување, или дефокусирање, со тоа што акцентот и вниманието се посочуваат на друга работа. Морам да признам дека некогаш и тие спинување, ако ги правите недобро осмислени и паушални , можат да постигнат и обратен ефект од оној за кој ви била намерата.

Но овој пат, со актуелните настани, тоа тешко им успева дури и на дечките кои за себе сметаат дека ја познаваат политиката и кои сметаат дека со  трогателни пет-шест реченици, кажани на висок тон,  во кои третина од зборовите се исти, ќе успеат да го преусмерат вниманието и ќе ги засенат главните настани.

ЕКО АКЦИЈА

Или како и сакате дајте му име на субвенционирањето на најмалку 2500 клима уреди, пред сѐ во централното градско подрачје, за која ќе се потрошат 2,5 милиони евра е најголемата мерка која ја презела некоја влада, локална самоуправа или државно претпријатие во сите овие години за почист воздух. Конкретно, едноставно, без трошоци за граѓаните, Тврдењета дека ова е валкан начин на греење се само неуспешен обид да се релативизира акцијата, бидејќи целта е да се заменат старите печки на дрва. Тврдам дека дрвата се многу повалкан и многу поскап начин на греење од климите.

Класична манипулација, спинување, а  и признавање на вашиот  пораз во битката за почист воздух, е кога на денот на отпочнувањето на оваа голема акција, за чија цел наводно сте се бореле и сте ја посакувале, наместо да ја  поздравите и речите дека тоа било и ваша цел, организирате пикник со другарите и се обидувате да глумите дека не сте ја виделе акцијата.

Тоа е како да сте викале десет години да се направи театар во Битола, ама кога се изградил и се закажала  првата премиера вие сте заминале да возите точак. Неуспешен спин.

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

      

  

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани