АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
БИТОЛА – Битола од година до година ја губи приказната за град на конзулите, градена од крајот на 19 век па наваму, објави nezavisen.mk
За жал денес може да се констатира со сигурност дека во градот останаа уште четворица почесни конзули, битолчани, наспроти фактите дека претходната деценија таа бројка изнесуваше околу 15 почесни дипломатски претставништва и два генерални конзулати. Не многу одамна на Широк Сокак се вееја знамиња на странски држави, а престиж беше во убавата градска архитектура да се има претставништво на почесен конзулат.
Сликата на конзулска Битола сега се потпира на почесните конзули на Франција – Калиопа Кривашија-Стилиновиќ, на Црна Гора Милорад Андријашевиќ, на Романија Александру Мамакис и на Босна и Херцеговина Билјана Дамјановска-Јанчевска.
Конзулката Кривашија-Стилиновиќ вели дека –„државата со својата стратегија и политика, кога назначува почесни конзули (малку нескромно ќе кажам) се потпира на граѓани кои што имаат интегритет, се познати во средината каде што делуваат. Државата назначува, а почесните конзули ја следиме таа политика на амбасадата најдобро што можеме“.
Затворени се близу десетина почесни конзулати во Битола, како конзулатот на Велика Британија, Словенија, Хрватска, Србија, Русија, Украина, Австрија, Унгарија…за што јавноста во најголем број од случаите ниту доби релевантна информацијата кои биле причините за затворањето на почесните конзулати.
Иако не се битолчани и не живеат во Битола како почесни конзули во градот се сметаат и претставниците на Турција и Албанија, Ајдован Адемоски и Имер Селмани. Личности кои не можат да се видат во Битола, дури ни на одредени свечености поврзани со конзулската традицијата.
Многу поприсутни меѓу битолчани се генералните конзули на Грција и Бугарија каде конзулите се дипломати од кариера.
Ваквата слика само по себе говори дека почесните конзулати во Битола се се’ понемоќни во ширењето на национално чувство на земјата која ја претставуваат, странската култура, јазикот, идеја и влијанието меѓу населението во Битола, како што впрочем било со децении и векови наназад. На пример, своевремено битолчани, особено градските фамилии со генерации го изучуваа францускиот јазик, сега веќе не е така. Со сигурност може да се каже дека тоа се германскиот јазик и словенечкиот.
„Секако дека има економска логика зад изучувањето на други јазици, ние сме сосема свесни за тоа, но сакаме да одржиме еден континуитет. Затоа имаме други иницијативи и проекти. Последно, направивме регионален проект во кој влегуваат и Србија, Црна Гора, Босна, Албанија за сензибилизација на помлада популација за изучување на јазикот. Иако не би можела да зборувам за бројки колку се изучува францускиот јазик, но направивме во неколку училишта во Битола каде беше ‘заборавено’ изучувањето на францускиот јазик проект, поттикнавме интерес за изучување на францускиот јазик, сосема свесни дека за изучувањето на други јазици има економска логика. Но, сме релативно задоволни со местото што го имаме со јазикот, вели Калиопа Кривашија-Стилиновиќ, почесен конзул на Франција во Битола, прв конзул назначен во градот по независноста на земјата, во 1995 година. Кривашија-Стилиновиќ во 2015 година беше одликувана со медал Легија на честа од Република Франција.
Дека Битола го губи конзулскиот имиџ говори фактот што конзуларните претставништва голем број од западно европските земји ги отвораат во други градови, па делуваат по реони. Така, последно Битола го загуби и почесниот српски конзулат по смртта на бизнисменот Силјан Мицевски, кој функционираше од 2007 година. Почесен конзулат на Србија од пред две години е отворен во Охрид, но нема надлежност за Битола.
„Одлуката за отворање на свој Почесен конзулат во Охрид, ја донесе Република Србија. Ова дипломатско претставништво ќе ги покрива општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Кичево, Дебар и Центар Жупа. Со Србија имаме пријателски врски на сите полиња и задоволни сме од посетата на српските туристи во нашата земја“, рече Михајло Филев, почесен конзул на Србија во Охрид на конференција посветена на промоција на конзулите, функцијата конзул и почесен конзул организирана во Офицерскиот дом во Битола.
Сепак, освен културни манифестации и активности, збратимувања на градови, многу малку од почесните конзулати се фокусираат на проекти во делот на економијата и лобирање за странски инвестиции, за што самите конзули велат дека немаат директни ингеренции.
„Битола конзулски град“ не смее да биде мит. Затоа потребна е реална отвореност и комуникација на странските претставништва со нашата држава, комуникација со невладиниот сектор и потенцијалните инвеститори, смета Борче Димитровски, претставник на Општина Битола.
„Битола е значаен центар уште од минатото, но за да не биде само мит дека е ‘град на конзулите’, или ‘град на клавирите’ каде се промовираат тие европски вредности, значајно е и самата локалната самоуправа, но и преку различни дејствија тоа да се оживува. Еден од начините за оживување на таа традиција е да се искористи потенцијалот што го има Битола, да се отвори кон надвор. За да можеме да го достигне тоа потребна е соработка и со почесните и со генералните конзулати и амбасадите. Можностите за економски напредок, се во директна корелација со пристапноста на домашните и меѓународните фондови, следењето на новите трендови, вели Димитровски.
Анета Блажевски