2win800x200

ПРЕД КРАЈОТ НА УЧЕБНАТА 2022/2023 ГОДИНА (Пишува Александар Адамовски)

Мај 29, 2023

Се насетува крајот, кога заокружуваме уште една учебна година. Заклучно со 14 јуни, остануваат уште нецели три седмици, кога полуматурантите ќе бидат пред предизвикот наречен: запишување во идно средно образование, а на останатите ученици, ќе им започне летниот распуст. Наставна година исполнета со многу наставни и воннаставни активности, предизвици, зачестени апликации на Еразмус проекти и уште многу други тековни работи. Вложениот труд, на крајот секогаш се исплаќа.

Во овој текст, ќе го насочам вниманието на две точки: одговорноста на наставникот и одговорноста на ученикот.

1.Одговорноста на наставникот

Лично за мене, одговорен наставник е оној, кој:

-работи со многу љубов и волја во својата наставничка професија;

- почитува училиштен Кодекс;

- секогаш позитивно размислува пред многуте негативни соочувања;

- верува дека работите секогаш можат да бидат подобри;

- ги извршува сите задолженија дадени од директор на училиште, стручна служба итн.

- си ја гледа својата наставна работа и гради професионален однос со колегите (значи, не трачари, не завидува и сл.);

- има цел од ученичето, да направи прав ученик со: посветена, трпелива и макотрпна работа;

- професионално се надградува, користејќи искуства од повозрасни колеги, како и искуства од други училишта во нашата земја и пошироко;

- излегува секогаш во пресрет на колегите кога треба да им помогне, да ги замени кога се отсутни и сл.

- не се жали дека му е напорна работата, или пак, како ќе се издржат 7 наставни часови денес;

- е способен и квалитетен во својата наставна област, а доследно и точно, дава одговор на поставено прашање од научната област;

- има задоволство да учествува на настани поврзани со предметот/предметите што го/ги предава (натпревари, патронат, екскурзии...);

- предложува наставни и воннаставни активности што би биле од добробит за самото училиште, па и за градот каде што се наоѓа училиштето;

- сака да соработува со локалната самоуправа и да даде допринос во функционирањето на образовната дејност;

- има чест да комуницира со родителите за нивните деца и постигнувањата на училиште...

- постојано не препрашува дали имало плата или не (нормално дека ќе има, за тоа работиме, законска должност е вложениот труд да се плати).

И така, наставникот има уште многу други обврски и одговорности (не само, горенаведените 16) кои треба: посветено, професионално и етички да ги извршува. Но, ќе оставам нешто и за следна прилика.

1.Одговорноста на ученикот

Лично за мене, од одговорен родител, произлегува и одговорен ученик, кој:

-мора да почитува училиштен Кодекс, наменет за него;

- води сметка за културата на изразување и комуницирање со соучениците и со наставниците, па и воопшто;

- ги извршува сите активности поврзани со наставните предмети што ги задава наставникот и самото училиште;

- не се спротивставува и разбрано се однесува;

- со задоволство учествува на: натпревари, патронат, активности поврзани со наставата и вонучилиштни предизвици;

- покажува интерес за: додатна, дополнителна настава, како и секции...;

- максимално го користи својот потенцијал и дар што го поседува, во давање на најдоброто од себе,

- континуирано учи, а не само пред тест и испрашување;

- не се „пазари“ за оценки, кога точно знае колку може да постигне;

- слуша наставник и прима добронамерен совет, кога навистина е потребен;

- се истакнува и се докажува со своите: знаења, интереси, вештини, способности...;

- дава конструктивни предлози за подобрување и напредување на училиштната клима;

- е културен и цивилизиран пример не само во училиштето, ами секаде;

- соработува со наставниците, а не се ограничува на еден или двајца наставници;

- не манипулира, не се расправа, не подлегнува под негативно влијание (на соученици, или пак некој друг во училиштната средина);

- секогаш и секаде позитивно и радосно го претставува своето училиште и наставниците.

Одговорноста на ученикот, многу значи и треба да биде стабилна и во најдобро светло прикажана. Настрана од технолошката зависност (мобилен телефон, социјални алатки, компјутер и сл.) ученикот има обврска да остане: добар и за пример и никако поинаку! Затоа, како што почнав погоре, најважни се: влијанието и улогата на домот, од каде што ученикот тргнува. Ако се влијае воспитно, тогаш нема да имаме проблеми, но ако се допушти слобода на однесување (каква што ја гледаме и доживуваме), тогаш проблемите само ќе растат, а нема да се решаваат.

За крај на овој мој текст, Драги ученици: Ви го честитам постигнатиот успех на училиште (запомнете, за Вас учите и можете многу да постигнете); имајте добро лето, но не заборавајте: читајте и другарувајте со книги, богатете го речникот и културата на изразување. Негувајте ја македонската белетристика. Оставете ги настрана социјалните мрежи, или паметно користете ги. И одете по разумен и нормален пат во животот! Верувајте дека е исплатливо и корисно! Останете: среќни, паметни и добри!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани