Од онаа страна на среќата

Јули 03, 2022

пишува: Александар Литовски

 

 

 

Било како да се размислува за она што го проживеавме за последните триесеттина години, надвор од било каково сомневање е дека тоа е негација на принципите рамноправноста и хуманизмот, негација да живееме како слободни луѓе со меѓусебно разбирање и толеранција. Ја уништивме веќе познатата и, донекаде, во пракса применувана калобиотика, односно вештината за убаво, здраво правилно и доблесно живеење. Онаа вештина преку која животот на еден човек може да се направи исполнет и среќен и заради тоа да се смета вреден за живеење. Ја нема, или сè помалку ја има, во животот на нашите луѓе онаа пријатност, нежност; чувствителност; внимателеност, претпазливост; пристојост, благост, услужливост, учтивост, љубезност... Сè почесто, за жал, околу нас гледаме вообразеност, безобразие, насилие, злобност, нетрпеливост, оѕвереност, дрскост, криминал...

Се гради и македонското општество по урнекот на глобалната мантра: постои и смее да опстои само капитализмот. И, секако, неговата неолибералната идеологија како начин на мислење и живеење. Не смее и нема борби за идеи и визии, туку има само борби за остварување на, крупни или ситни, финансиски интереси. И тие борби ги водат, главно, криминални групи составени од корпоративни предатори, преку граѓанските политичките партии, кои сами себе се нарекуваат демократски, или преку интернационалните капиталистички концерни и монополи. Всушност, во свет во кој среќата доаѓа преку Гвантенамо, тогаш тој свет мора да биде – крајно несреќен.

Ако среќен човек е оној кој живее објективно, кој со работа и напор стигнува до квалитетен живот исполнет и со слободни активности, и со задоволување на сопствени широки животни интереси, тогаш, и во светот и кај нас, има малкумина, што би се рекло еден грст, среќни луѓе. Напразно нашите неолиберални шамани и демагози кој, многу често, до општествен и „професионален“ успех стигнале преку послушност и покорност пред силниците на денот, ни проповедаат и нè лажат дека среќата се купува со пари. Во таквата, шизофрената и антихумана, глобална состојба во која царува волчката борба за профит и моќ оснапред се уништени шансите за среќен и достоинствен живот на најголемиот број од луѓето во светот. И кај нас, за мнозинството луѓе секојдневие е мачната борба за егизстенцијален опстанок. Неприродната и неправедна поделба на материјалните богатства предизвикана од класната поделеност, за голем дел на наши сограѓани ја претвори среќата во достигнување на услови за преживување и минимум пристоен живот.

Кај нас богаташите, владеачите и нивните корумпирани интелектуалци и новинари преку пропагандната манипулација го држат народот во состојба на хибернација, во која се халуцинира за холивудски сон, а не за некаков среќен, човечен, „здодевено добар“ живот. Народот, опиен со гламурот од црвениот тепих и потрошувачкото бунило, тешко може да ги препознае глобалното и локалното ментално насилство во форма на концентрирана политичка и пропагадна моќ, која во спрега со капиталот врши масовна експлоатација и грабеж и им го одзема нивниот пристоен и достоинствен живот. Опојните бајки за капиталистичкиот просперитет и капиталистичката благосостојба кои како врвно цивилизациско достигнување, секојдневно, ни го пропагираат гангстерите со факултетски дипломи вработени како измеќари и проститутки кај набрзина збогатените простаци, олигарси и земјосопственици, ги успокојуваат и упокојуваат рецепторите за правда и неправда и ги претвораат луѓето во дрогирани безмозочни работохолици со уморни лица. Лица кои, всушност, се лишени од нормалноста и среќата. Се чини дека скоро сите ние, жители на оваа земја, сме протерани, како што виртуозно пееше големиот поет Ацо Шопов, „од онаа страна на животот“ и среќата.

Народот мора да излезе од хипнотизирачкиот сон за лажна среќа, да сфати дека животот е повеќе од коцкарско казино, да се погледне и да си ја види реално искинатата облека, да види дека се храни со помија од софрата на големите газди, да си ги види своите навистина несреќни деца чија единствена перспектива е да бидат робовска работна рака на „пазарот на трудот“, па да ги отфрли сите илузии за постоењето и остварувањето на некаков „американски сон“, да се спротистави на безмилосниот грабеж, на безмерната лакомост на плутократијата која го води во неизбежната пропаст, и да побара, сега и веднаш, пристоен, нормален и среќен живот. Да не дозволи иднината на нашите поколенија да им бидат овистинети зборови на умниот Меша Селимовиќ: „Црно е, во тешко време живееме, а живееме мизерно и срамно. Единствена утеха е таа дека тие што по нас ќе живеат, ќе претуркаат преку глава уште потешки времиња, и ќе ги споменуваат нашите денови како среќни.“

 

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите) 

 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани