2win800x200

Научно –стручен собир за последиците од пандемијата во организација на Македонското научно друштво-Битола

Ноември 09, 2021

Македонското научно друштво- Битола, Mеѓународниот ден на науката ќе го одбележи оваа среда во 17 часот во Битолската библиотека со научно-стручен собир на тема „Влијанието на пандемијата врз науката- искуства и примери на професионални предизвици во општеството“. На собирот ќе бидат презентирани 17 научни трудови поврзани со влијанието на ковид-19 врз различни општествени области.

Во пленарниот дел ќе учествуваат Др. Билјана Гагачовска, специјалист психијатар која ќе зборува за влијанието на пандемијата врз целокупното и менталното здравје и д-р Гордана Балтовска, член на МНД како и член на Управен одбор на Стопанска банка- Битола чија тема е „Предизвиците од ковид кризата - Професионални предизвици во банкарството“. Во свечениот дел од собирот пригодни обраќања ќе имаат и проф. д-р Игор Неделковски, проректор за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, проф. д-р Ленче Петреска – ректор на Меѓународен Славјански Универзитет Г.Р.Державин и проф. д-р Цветко Смилевски, основач на Бизнис академија Смилевски.

Претседателката на МНД доц. д-р Невена Груевска ќе се претстави со свој научниот труд, за влијанието на пандемијата врз прехранбената индустрија и навиките за исхрана. Нејзиното истражување покажа дека населението во Македонија повеќе јаде домашно подготвена храна со појавата на коронавирусот, па затоа и поздраво се храни, но сепак заостанува зад светскиот просек.

„Се променија навиките во исхраната на луѓето, пред сè, подготовката на храна дома поради ограниченото движење што го имавме. Во истражувањата утврдив дека голем дел од популацијата применуваше здрав начин на исхрана, се посегна по витамини и антиоксиданси за да се зголеми имунитетот, кој беше нагласуван како многу важен за одбрана од коронавирусот“, рече Груевска, која го спровела истражувањето врз поширока популација на возраст од 30 до 65 години.

Дел од населението во пандемијата конзумирал храна повеќе од обично, па некои се соочиле со проблемот на дебелината. На светско ниво, навиките за правилен начин на исхрана се зголемиле за 40-50% , а кај нас процентите се помали..

„Кај поголем дел од популацијата се јави прекумерна тежина. Бевме ограничени во движењето и многумина посегнуваа по храна за да ја смират паниката што се јавуваше во тие моменти“, додава Груевска.

Проф. д-р Сашо Кочанковски , потпретседател на МНД-Битола, заедно со сопругата доктор специјалист Лилјана Кочанковса ќе се претстават со трудот „Зачувување и унапредување на менталното здравје во времето на пандемијата на ковид-19“.

„ Се јавуваат промени во однос на нивото на стрес, исцрпеноста, брн аут синдомот кај здравствните работници поради зголемениот притисок на активности, задолженија на работните места, намалениот персонал и притисокот од јавноста. Истражувањата се поврзани и со типот на личноста, повеќе трпеа екстровертните личности од интровертните. Депресијата беше зачестена поради ограничувањата, па агресивноста, стравот, загриженоста за себе, за блиските и за целокупната заедница“, рече Кочанковски.

Проф. д-р Лидија Стефановска, претседател на Организационен одбор на Научно- стручниот собир рече дека пријавените 17 трудови се напишани од 28 автори.

„Темата на научно – стручниот собир е мошне актуелна и се вклопува во овогодинешното мото под кое се одбележува меѓународниот ден на науката. Научните работници трагајќи по нови одговори на поставени прашања и дилеми, потребно е да се прилагодуваат кон диверзитетот во опкружувањето и неговите специфики, а таква различност донесе и пандемијата со Ковид 19. Токму тоа е и основната цел на овој научно – стручен собир, да се согледа какво и колкаво е влијанието на пандемијата врз науката“, рече Стефановска.

 

Сите научни трудови ќе бидат публикувани во книга.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани