Како се градеше „Свети Димитријa“- НА МЕСТОТО НА ЦРКВАТА ИМАШЕ ПАРАКЛИС УШТЕ ПРЕД ТУРСКО ВРЕМЕ

Јануари 08, 2021

Раните ослманлиски документи откриваат дека во Битола постоел параклис „Свети Димитрја“ уште во 1468 година, пишува битолскиот хроничар, професорот Александар Стерјовски во неговата најнова книга „Градби“. Параклисот го опслужувале седум попови што укажува на постоењето на бројна богобојажлива православна комплексна заедница во Битола. Иконостасот му бил од постар датум и имал должина од девет метри што укажува дека била постара градба за која најчестата формулација што ја употребувале граѓаните била „постела уште од времето пред освојувањето“.

Турците дозволувале интервенции, но да не се проширува параклисот

Врз овој верски објект имало повеќе интеревнции. Првата што Стерјовски ја споменува во книгата, повикувајќи се на османлиски документи била од 1661 година, кога поголема група жители од христијанското маало се претставиле пред Шеријатскиот суд и побарале одобрение за поправка, истакнувајќи дека покривот и ѕидовите се во фаза на распаѓање. Судот испратил свое службено лице Мехмед Кетхуда да провери и откако тој потврдил одобрението за поправка било издадено.

Слични интевенции имало и во 1713 година, , па во 1779 година кога повторно група граѓани , овој пат на чело со владиката Ангеле во придружба на Коста и Стојан сапунџијата, , Никола лебарот и уште неколкумина други исто така добиле одобрение за интервенција врз параклисот, но како што пушува Стерјовски „со стандардното условување- црквата да се поправи во поранешната димензија и да не биде поширока и повисока“.

Имало и тајни поправки, казни, а црквата почнала да се гради во 1830 година

Една од интервенциите била направена без добиено одобрение, поради што од Диванот до битолскиот кадија стигнал строг укор и барање да се достават имињата на сите свештенослужители, коџабашии и останатите помагачи кои раководеле со поправката и сите да бидат доведени пред Румелискиот диван.

„Како завршила истрагата и кои консеквенции биле понесени притоа, останува непознато. Меѓутоа параклисот сепак остоил. Доживеал и други помали или поголеми интервенции, додека не се случила и онаа најголемата од 1830 година што го преобразиле целосно и кога ја добивме сегашната Св. Димитрија“, пишува Стерјовски во „Градби“..

Изгледот на црквата дело на Павле Алегрија, за да нема висина, се одело во длабочина

Голема заслуга за прераснувањето на некогашниот предосманлиски параклис во пространа и велелепна црква имал пелагонискиот митрополит Григориј. Имало и големи потплати на на високи државни функционери. Гласот дека ќе се подига нов и голем храм, дека ќе биде катедрален, масовен број на граѓани го прифатиле и ги одврзале личните и еснафските кесиња за помош.

Според планот, требало да се искористи местото не само на стариот параклис туку и широкиот простор околу него каде се наоѓале мноштво начичкани семејни куќи и дворови, кои биле откупени од Ѓорги Папазоглу, Докси, Алексо и други. Кога просторот се ослободил, довербата му била дадена на претприемачот Павле Алегрија пд Богацки, познат и како Павле Загоричанец кој најпрво ја изготвил макетата како црквата ќе изгледа, а се вклучиле и други градежници. За да не боде очи со својата висина и да нема реакции од муслиманите, , испланирано било црквата да оди во длабочина, да соодветствува со висината на околните градби.

Темелите поставени на 6 август, осветена на 12 декември 1830 година

Темелите според книгата, биле поставени на 6 август 1830 годин, а осветувањето на веќе извишената градба се случило на 12 декември истата година. Интензивно се градела поради страв од евентуална забрана. Кога на крајот црквата била готова, имала должина од 36, ширина од 34 и висина од 10 метри. Била трибродна со пет влезови. Иконостасот досегал од едниот до другиот крај во централната просторија, а подоцна бил и позлатен.

Севкупните трошоци за градежниот материјал, многубројните високи подмитувања, изведбата и друго, изнесувале огромни 184 622 гроша и 23 пари. Биле комплетирани од доброволни прилози, најмногу од еснафите, но и позајмувања со високи кампати, некои и од осмалнии, сумата не би се надополнила. Тутори во 1830 и 1831 година биле двајца богати битолчани Наум Никаруши и Димитрие Неда.

За покрив плочи од Пелтвар, ѕвоното стигнало за време на Младотурската револуција

„Замена за недостатокот на икони при осветувањето биле хартиени одрази на светци, а зографирањето ќе мора да почека до 1845 и 1846 година со нови додатни трошоци, дополнително прибрани. Имало клепало кое повикувало верници до Младотурската револуција кога пристигнало и првото ѕвоно. За покривот биле употребени камени плочи од Плетвар, кои подоцна биле сменети“, пишува Стерјовски.

Од прво јазик на богослужба бил грчкиот, а словенскиот за првпат се слушнал на 14 јануари 1913 година.

Ж.З. 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани