2win800x200

Офицеркиот дом прогласен за споменик на културата од големо значењe

Јули 01, 2022

Офицерскиот дом во Битола, изграден во 1912 година, кој претставува споменик на културата, се прогласува за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, соопшти министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Одлуката ја донесе Владата на предлог на Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство.

„Овој највисок режим на заштита подразбира: трајно зачувување на Офицерскиот дом во изворна состојба, создавање на поволни услови за негов опстанок и задржување на интегритетот на сите податоци што тој ги носи со себе како сведоштво. Ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Офицерскиот дом и за неговата улога во културната идентификација, оспособување според неговата намена и значење, заради задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и општеството и спречување дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање“, рече Костадиновска- Стојчевска.

Запрашана зошто и кога објектот останал без заштита, министерката одговори дека најверојатно заштитата била повлечена пред неколку години кога имаше обид за негова продажба како неидентификуван објект.

„Но, после започнувањето на реконструктивната работа се подготви нов акт за ревалоризација за да се заштити онаков каков што го гледаме денес“, додаде таа.

Дознаваме дека објектот бил прогласен за споменик на културата од 1977 година, па бесправно бил ставен на продажба во 2016 година, кога уште важело решението од седумдесетиоте години и поради тоа продажбата била прекината. Од 2017 година започнал процесот на ревалоризација и за првпат Владата носи ваква одлука за прогласување на објектот за споменик од големо значење. 

 

Градоначалникот Тони Коњановски изјави дека Офицерскиот дом не е само културно-историски споменик, туку и култно, репрезентативно место за битолчани, па како локална самоуправа ќе ја продолжат традицијата на претходните генерации кои во овој објект имале активности.

„Со нашите активности ќе придонесеме да стане репрезентативно место во кое ќе се величи културата, ова е една од сцените на Бит-фест. Во идниа тука ќе се отвори и соба на Европа. Само ќе го збогатуваме со нови содржини и ќе го добие потполниот сјај што го заслужува“, рече Коњановски.

За објектот на Подофицерскиот дом и јавната градска чешма кои се во рамките на парцелата на Офицерскиот дом се утврдува режим на заштита од втор степен со следните мерки на заштита: за Подофицерскиот дом се предвидува конзервација, реставрација и адаптација, како и по можност, враќање во неговиот првобитен изглед. За јавната градска чешма се предвидува конзервација и реставрација и истата треба да ја зачува својата првобитна функција на јавна градска чешма.

Реставрацијата на Офицерскиот дом е изведена во рамките на проектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот Регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерскиот дом со партерно уредување“, за кој Општина Битола за време на претходната локална власт доби средства од европските ИПА фондови. Вкупната вредност е 58.792.610 денари, од кои Општината обезбеди над 5,8 милиони. Дополнително, од локалната самоуправа се вложени два милиона денари во атмосферска и фекална канализација, која ќе биде приклучена кон главната улична одводна каналска мрежа.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани