ДАЛИ НАВИСТИНА ТРЕБА ДА ИЗЛЕЗЕМЕ ОД КОМФОРНАТА ЗОНА?

Ноември 09, 2019

Комфорна зона - звучи познато? Се почесто се експлоатира овој поим во контекст на нејзино напуштање за подобар живот. Можеби сте добиле впечаток дека тое е нешто што Вас ви е пријатно, ама треба да се излезе од тоа за да се ,,има живот“. Па, се чувствувате како да не сте доволно живи. Иако во последно време многу се зборува за комфорната зона, мојот впечаток е дека нема доволно појаснување, па се создава конфузија.

Комфорната зона е нешто што ви е познато, нешто во кое сте развиле рутина и се чувствувате сигурно. Тоа е нешто на кое сте навикнале, познати ви се вашите мислења, однесувања и ставови, едноставен смер по кој се движите. Проблемот се појавува кога таа рутина ќе ве доведе до монотонија и ќе започне да влијае на Вас при што добивате желба да остварите, имате,унапредите, променете нешто во некој сегмент од вашиот живот. Обично во комфорната зона се наоѓаат односите со вашите блиски луѓе, како и однесувањето кое го манифестирате, а спротивно на тоа се непознати личности и однесувања кои не можеме да ги контролираме. Комфорна зона не е само нешто позитивно туку во оваа зона е и токсична врска во која страдате, но во неа можете да предвидите скоро се. Иако не ви одговара, останувате таму. Зошто? Затоа што ви е познато. А зошто не ја напуштате? Затоа што имате страв од непознатото.

Комфорната зона ја напуштаме кога сакаме, но и кога околностите тоа го сакаат од нас, затоа што во животот единствена константа е промената. Иако нашиот ум тежи кон мир и стабилност, животот носи динамика чие струење е под наша контрола. Се чини дека времето во кое живееме постојано не тера да излегуваме од комфорната зона, пример: личност која отвара свој бизнис, жена која го напушта својот сопруг поради малтретирање, студентите кои студираат во странство или пак во друг град исто така излегуваат од зоната на комфорот. Излегувањето од оваа зона не е пријатно, но ги активира нашите потенцијали и ни овозможува исчекор во зоната на учење. Потоа од некомфорна станува комфорна зона се додека не излезете и од неа.

Според мене, комфорната зона не мора секогаш да се напушта. Можат да се поместуваат нејзините граници така што одреден период ќе бидете надвор од неа се додека тоа не се припои во сигурната зона. Што значи тоа конкретно? Ако имате добра работа, добро здравје, добри партнерски односи во кои уживате и не би ги менувале, прашајте се “што јас можам уште да направам за да стане подобро.” Во тој креативен период има бура на идеи и Вие зачекорувате кон промени. Тогаш намерно, насочено и смислено влегувате во некомфорна зона која ги проширува границите на комфорната и е блиску до неа, што значи дека го прифаќате и го предизвикувате стравот.

Прашањето кое има круцијално значење пак и треба да си го поставувате почесто е:
„дали сакам да ги проширам границите на мојата сигурна зона, да вложувам во мојата иднина, да ги следам своите соништа и да ги ширам сопствените хоризонти преку непознатото?” Ако одговорот е ДА тогаш сте спремни да ја напуштате комфорната зона и да не дозволите вашиот страв да владее со вашите цели додека умот ви кажува дека овие ограничени можности се добри за Вас.

Поголеми проблеми со излегувањето од комфорната зона се случуваат кога правиме драстични чекори. Процесот на учење е незаприлив, па некој од тоа ќе направи комфорна зона, а некој ќе се врати на познатата. Важно е да знаеме дека тогаш имаме можност да еволуираме и да ги активираме сопствените потенцијали, да научиме многу, а правопропорционално на тоа да прогресираме.

Пишува: м-р Билјана Галовска НЛП тренер, предавач на Бизнис Академија Смилевски

Инфо:Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.               

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани