Новинари како баба Таца од Бајро

Јули 03, 2019

Баирчани чекале да се стемне за баба Цена и Таца да излезат на улица, да седнат на камењата и да кажат што разбрале преку ден. И така до утредента слушнатото од уста на уста ќе се пренесело тебе- мене. Сабајле главна вест. И коментарите почнувале со браво за еди кој си оти сторил нешто или ја’зк за друг кој си оти не сторил нешто.

 

Така во времето кога немало телевизии, а не пак интернет. И така и во времето денес кога има и печат и телевизии и интернет. Денес уличните маалски камења каде се плетеле приказни за секого, се заменаа со социјалните мрежи. И тоа е некој социолошки, психолошки проблем кој во идниа експерти од овие научни објасти ќе го истражуваат, но погубни се последиците по новинарството.

Фејсбукот не може да биде главен новинарски извор! Фејсбукот може да послужи како идеја за тема! Новинарство не е да се препише една реченица од фејсбук и таа да се објави како главна вест со украдена фотографија!

Новинарско правило е да се провери веста од повеќе извори. Да се прошири, истражи. А не да се препиши. Оскудно, лигаво, некреативно е да го пренесеш веќе објавеното на социјалните мрежи. Да не завртиш ни еден телефон, да провериш, да најдеш нов момент, да понудиш друг агол од приказната! Да не вложиш енергија, ни денар, да не мрднеш со мозок, освен со прст по тастатура!

Неписмени препишувачи на вести, ширачи на галама и озборување ни го уништија новинарството. Порталчиња како јаце на јаце, едниот препишува од фејсбук, а другиот од него. И така нешто станува главна вест...Најчесто лажна...

И народот тоа го голта. Оти нема време за да прочита повеќе, оти нема интерес да види повеќе освен наслов, оти долго не сака да чита, оти секој мисли дека е новинар, оти не е важно кој како пишува, оти колку поплукачки толку некому се чини пореално.

И додека плукачите и препишувачите се лајкуваат, новинарите состаночат како понатаму. Де требало порталот фирма да биде, де требало импресум да има, де требало лиценци да има... За кого бре импресум, најмноги од читателите не го читаат тоа, не им е важно. Ни името на новинарот не го читаат освен ако не се лути , па да треба да тужат.

Професионализмот им е важен само кога се засегнати. Чест на исклучоци. Во меѓувреме лајкуваат вести и теми што им одговараат на нивната политичка определба, што им се од полза, што можат да ги подмитат, купат или што немаат никаква важност, а некогаш и од инает. Вести кои за наднаслов имаат благодарност или пофалба или жалење... Вести без реалност, црно- бел свет.

Каков народ – такви медиуми! Ова е дното! На добар дел од народов не им требаат медиуми. Туку неми и бледи препишувачи од фејсбук. Оговарачи ко жените на камен.

Пишува Жанета Здравковска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани